Игротека

Ако на мајката ѝ недостига одреден минерал, детето може да се роди со срцева мана

Бебињата на мајки кои се породиле, а имале ниско ниво на железо, имаат зголемен ризик од појава на вродени срцеви мани. Тоа го покажува новото истражување кое би можело да доведе до значајни промени во пристапот кон грижата за бремените жени.

Веднаш по дознавањето дека се бремени, многу жени почнуваат да земаат различни суплементи за да го заштитат своето дете, но и себеси. За некои витамини и минерали е веќе општо познато дека не можеме да ги внесеме во долна количина преку исхраната (како што е фолната киселина), па се земаат од самиот почеток на бременоста. Но, за други, како железото, се утврдува потребата дури откако ќе се појави недостиг, што често не се забележува веднаш.

Едно од најновите истражувања покажува дека анемијата кај бремените жени би можела да биде одговорна за приближно еден од 20 случаи на вродени срцеви мани во Велика Британија. Овие состојби може да бидат благи и да не се откријат до подоцна во животот, но и многу сериозни, па дури и смртоносни.

– Сфаќањето дека раната анемија кај мајките може да биде толку штетна е потенцијална пресвртница на глобално ниво. Бидејќи недостигот на железо е најчеста причина за анемија, широката употреба на додатоци со железо, и пред и за време на бременоста, би можела да спречи многу случаи на вродени срцеви мани кај новороденчињата – вели професорот Данкан Спароу, кој го водел истражувањето на британската фондација за срце.

Истражувањето ги анализирало податоците на 16.500 мајки и открило дека шансите да се роди дете со вродена срцева мана се зголемени за 47 отсто кај жените со ниско ниво на железо во првите 100 дена од бременоста.

Се смета дека над една третина од бремените жени на глобално ниво имаат анемија. Експертите сега ќе истражуваат дали земањето железо пред и за време на бременоста може навистина да помогне во спречување на срцевите мани. Веќе е познато дека тешката анемија во подоцнежна бременост може да доведе до ниска родилна тежина или предвремено породување, но ова е првпат да се укаже дека ран недостиг на железо може да предизвика структурни срцеви проблеми.

– Подобрувањето на нивото на железо во рана бременост, во периодот кога се формира срцето на бебето, може да има големо значење за целоживотната здравствена состојба на срцето – вели д-р Соња Бабу-Нарајан, клинички директор на британската фондација за срце и кардиолог.

Истражувањето нагласува дека вообичаениот ризик за раѓање дете со вродена срцева болест е околу 1 отсто.

Недостигот на железо во бременоста најчесто произлегува од недоволен внес преку исхраната. Железото природно може да се зголеми со консумирање храна богата со овој минерал, како што се црвено месо, црвен грав, наут, јаткасти плодови и зеленолистест зеленчук. Црниот дроб содржи многу високо ниво на железо, но не се препорачува за трудници. Витаминот Ц, исто така, помага при апсорпција на железото.

Покрај зголемениот ризик за време на породување, симптомите на анемија вклучуваат честа исцрпеност или слабост, вртоглавица, отежнато дишење, бледа кожа и упорни главоболки.

Извор

Поврзани написи

To top