Детските „спа“ забави постојат со децении. Многумина се сеќаваат на родендените од 90-тите со пижами, светкави маникири и зелени глинени маски кои немаа вистински ефект, но носеа забава и убави спомени. Тогаш се користеа безбедни производи приспособени за деца, како лосиони со мирис на боровница или сјај за усни со светки.
Но денес ситуацијата станува посериозна. На пазарот се појавија производи за нега на кожа наменети за деца од тригодишна возраст. Дебатата започна поради лансирањето на новиот бренд „Рини“, кој го претстави актерката Шеј Мичел. Се работи за линија производи за деца, а Мичел нагласи дека не станува збор за убавина, туку за „грижа за себе“.
– Сакаме да ги научиме децата дека грижата за себе може да биде забавна, нежна и безбедна – изјави Мичел.
Сепак, социјалните мрежи бурно реагираа. Многу корисници го оценија целиот концепт како неумесен.
– Дали може некој да ми објасни зошто на тригодишници им се потребни маски за лице и огледала за шминкање? – напиша еден интернет-корисник. Други побараа повлекување на производите и бришење на објавите.

Дерматолозите се согласуваат: непотребно и потенцијално штетно
Дерматолозите предупредуваат дека ваквите производи не се само непотребни, туку и потенцијално штетни. Дерматологот д-р Кристина Колинс истакнува дека децата имаат совршено здрава кожа.
– Ако постојат состојби како егзема или псоријаза, тие се лекуваат под надзор на лекар, а не со комерцијални производи – објаснува таа.
– Децата немаат потреба од маски за лице. Нивната кожа е природно здрава. Фокусот треба да биде на заштита од сонце и евентуално лесна хидратација кај сув тип кожа – објаснува дерматологот Ана Карп.
Производите можат да предизвикаат иритации и алергии
Естетскиот хирург д-р Џина Макароне признава дека разбира колку се привлечни шарените производи за деца, но предупредува дека тие можат да предизвикаат иритации.
Естетичарката Грејс Моен додава дека овие производи се непотребни и родителите треба да бидат внимателни.
Дерматологот д-р Мона Фоад смета дека интересот на децата за нега на кожата сам по себе не е проблем, но станува опасен кога почнуваат да усвојуваат рутини наменети за возрасни.
– Ако рутината е заснована на забава, едукација и нежна нега, тоа е во ред. Но, кога ќе се вклучи комерцијален притисок и опсесија со изгледот, се губи суштината – вели Фоад.