Растењето со родители кои често имаат промени во расположението остава подлабоки траги отколку што мислиме. Експертите објаснуваат кои особини најчесто ги носат ваквите деца и кога ќе пораснат.
Да се живее со родители кои се често нерасположени или емоционално нестабилни не е лесно. Децата во таквите семејства постојано стрептат обидувајќи се да ги задржат мирот и стабилноста дома. Никогаш не знаат какво расположение ги чека, па учат да се приспособуваат и да им угодуваат на другите – навики што подоцна ги носат и во зрелоста.
– Еден момент ве облеваат со љубов и топлина, а веќе следниот тонат во бес. Тоа го збунува и го плаши детето – вели психотерапевтот Ими Ло.
Со текот на времето, овие искуства создаваат одредени особини кои возрасните често ги препознаваат кај себеси дури многу подоцна.
Им угодуваат на сите
Децата што растеле со променливи родители често стануваат луѓе кои постојано се обидуваат да ги задоволат другите. Клиничкиот психолог д-р Шери Пагото објаснува дека постојаната критика и казнување во детството може да предизвикаат анксиозност и прекумерно угодување, дури и кога тоа не е потребно.
Претерано размислуваат
Како деца, тие постојано го анализирале секој тон на глас или движење на родителот за да ја предвидат неговата реакција. Таа навика подоцна се претвора во прекумерно размислување. Психотерапевтот Ејми Морин вели дека претераното размислување е облик на анксиозност што со време станува автоматска реакција – мозокот не знае кога да запре.
Се плашат од конфликти
За да го задржат мирот, овие деца учат да избегнуваат конфликти по секоја цена. Но во зрелоста тоа може да ги спречи да ги изразат своите потреби.

Ја преземаат вината за сè
Кога родителот не презема одговорност за своето однесување, детето често заклучува дека тоа е виновно. Подоцна, како возрасен, може да чувствува вина дури и за нешта што не се негова грешка.
Имаат силна емпатија
Растењето со емоционално нестабилни родители често создава длабока емпатија. Таквите луѓе добро ја разбираат туѓата болка бидејќи и самите ја искусиле. Но, претераната емпатија може да доведе до занемарување на сопствените граници и потреби.
Не можат да се опуштат
Постојано подготвени за следната промена на расположението, овие луѓе тешко можат целосно да се опуштат, дури и во сигурни односи.
Секогаш го очекуваат најлошото
По години непредвидливост, многумина развиваат навика да замислуваат најлоши сценарија. Ова создава маѓепсан круг на анксиозност и беспомошност.
Имаат потреба од контрола
Кога детството било хаотично, возрасната личност често развива силна потреба за контрола. Контролирањето на другите произлегува од потребата да се чувствуваме безбедно. Но, ако се претера, тоа може да ги наруши меѓучовечките односи.
Се плашат од напуштање
Кога љубовта во детството била непредвидлива, се јавува страв од напуштање, постојана грижа дека саканата личност ќе си замине. Овој страв често доведува токму до она од што најмногу се плашиме – оддалечување и прекини во врските.
И самите имаат промени во расположението
Некои, иако не го сакаат тоа, несвесно ги повторуваат моделите на своите родители. Психологот д-р Сузан Дегес-Вајт го нарекува тоа „ефект на камелеон“, односно несвесно имитирање на туѓите емоции.
Емоционално се затвораат
Други, пак, одат во спротивната крајност и стануваат емоционално отсутни. Тоа може да ги заштити од болка, но истовремено да спречи длабока поврзаност.