Сигурно сите знаеме личности кои сакаат да ги задоволуваат другите луѓе. На англиски тоа се нарекува „people pleaser“, што во слободен превод значи задоволувач на луѓе и означува личност која секогаш се труди да ги задоволи луѓето околу себе, без оглед на нејзините чувства и што сѐ може да изгуби додека ги задоволува.
Генерациски сме воспитани да бидеме такви. Секогаш ни е важно што ќе каже околината, како и тоа дека сликата што ја испраќаме за себе мора да биде совршена. Бидејќи тоа не е можно и бидејќи секогаш може да се најде мана во која било постапка и однесување, многумина пораснаа со вечно чувство на недоволност, обземени од потребата да бидат добри кон секого.
Родителите денес пак, одат во две крајности: едната како оваа опишаната со која се воспитуваат „задоволувачи“, а другата, сосема спротивно, од која децата растат без чувство за светот околу нив.
И повторно, како и со секоја тема поврзана со родителството, доаѓаме до таа фамозна рамнотежа. Не е лесно да се најде, а наша задача е да не се откажуваме.
Ако не сакате да воспитате дете кое се обидува да им угоди на сите, тогаш треба да ги направите овие неколку работи.
Поттикнете автентичност кај децата
Тука не мислиме на ексцентричност или малку претерана потреба секогаш да се биде различен по секоја цена. Но, поттикнувањето на автентичноста значи да му се дозволи на детето да биде токму тоа што е, а не она што светот очекува да биде. Дали сака спорт или не, дали сака да научи да свири клавир или не, дали сака да стане доктор (како мама и тато) или фризер… Сето тоа не се одлуки кои детето треба да ги донесе со идеја да ги задоволи другите луѓе. Важно е вие де ја цените личноста на вашето дете од самиот почеток и да го научите да ја прифати неговата индивидуалност.
Дозволете детето да прави грешки
Родителите кои воспитуваат деца чија цел не е да им се допаднат на сите, многу добро знаат дека грешките се неизбежни. И тие ги учат дека грешките ќе се случат, но важно е да учиме од нив наместо да дозволиме да нѐ обесхрабрат. Ако се трудиме да бидеме совршени за да не ги разочараме другите, всушност, ќе се разочараме себеси. И тоа е најголемата грешка што е тешко да се поправи.

Нивните деца се запознаени со зборот „не“
Тоа се родители кои ја разбираат моќта на зборот НЕ. Тие ги учат своите деца дека овој збор не значи непочитување или лоши манири. Тоа е, во некои ситуации, начин да се заштитиме. Ако кажеме не, не мора да значи дека некој не ни се допаѓа или дека сме груби. Ако, на пример, детето не сака да го земе баба му и да го држи в скут, и каже не, тоа не е непристојно. Ги почитува своите граници. И ние треба да го почитуваме тоа.
Ги почитуваат и ги ценат чувствата на своето дете
Родителите што воспитуваат деца кои ќе знаат да се ценат себеси никогаш нема да му кажат на детето: „Без врска плачеш“ или „Не е ништо, глумиш“. Тие секогаш, дури и кога мислат дека детето е луто без причина, ќе ги прифатат неговите чувства. Тоа не значи дека ќе го прифатат секое однесување, но детето смее да биде луто, тажно, разочарано кога се чувствува така. Поради тоа, не треба да ја скрши чашата, но може да каже како се чувствува. На овој начин децата ја градат својата емоционална отпорност.
Ги учат своите деца на разликата помеѓу добрината и самопожртвуваноста
Ако вашето дете пристигне на училиште со два моливи, а на другарчето му фали еден, учтиво е вашето дете да му го позајми. Жртвување е ако му го даде својот омилен. Накратко, тоа е разликата. Треба да ги научиме нашите деца да ги гледаат и разбираат чувствата на другите, секогаш да бидат тука за да помогнат кога можат, но дека нивните чувства не се помалку важни и вредни и да ги чуваат нивните граници.