На социјалните мрежи брзо се шири нов термин: „сигма-генерација“, кој се однесува на децата што ќе се родат во 2026 година. Иако овa име нема официјално социолошко потврдување, станува тренд кој доминира на социјалните мрежи. Феноменот е сличен на многуте претходни обиди новите генерации однапред да се „етикетираат“, а често токму социјалните мрежи им даваат име пред експертите да почнат да ги проучуваат тие генерации.
Што наводно претставува „сигма-генерација“?
На интернет „сигма“ се поврзува со идејата за генерација што ќе биде независна, помалку врзана за традиционалните модели на одгледување, од мали нозе опкружена со вештачка интелигенција, навикната на дигитални асистенти, персонализирани образовни алатки и „паметни“ уреди, воспитана во свет каде што ВИ е составен дел од секојдневното учење, комуникација и забава.
За многу корисници, ова е последица на забрзаната дигитализација, сè понапредните алгоритми и фактот дека децата родени по 2026 ќе растат во најтехнолошки развиената ера што човештвото ја имало досега.
Зошто воопшто им се даваат имиња на генерациите?
Именувањето на генерациите не е нов концепт и се користи за да се опишат општествени групи што пораснале под слични историски, технолошки и културни околности. Дури откако ќе помине доволно време, социолозите можат да ги анализираат нивните вредности, стил на живот, однос кон работа, образование, семејство, потрошувачка и технологија.

Имињата често настануваат спонтано, а подоцна се прифаќаат во поширокиот дискурс. Денешните социјални мрежи го забрзуваат овој процес: трендовите започнуваат вирално, па дури потоа им го привлекуваат вниманието на експертите.
Кои се имињата на претходните генерации?
За да се разбере „сигма-генерација“, корисно е да се потсетиме на најпознатите претходни генерации:
Бејби-бумери (1946-1964) – Пораснале по Втората светска војна, при голем пораст на наталитетот. Имаат стабилен однос кон работата, лојалност кон компанијата и традиционални вредности.
Генерација X (1965-1980) – Пораснале во период на технолошки и општествени промени, транзиции и раст на поп-културата. Често се опишуваат како самостојни и флексибилни.
Милениумци/генерација Y (1981-1996) – Првата дигитална генерација која пораснала со интернетот. Познати по ориентација кон искуства, желба за баланс и поголема општествена свест.
Генерација З (1997-2012) – „Дигитални домородци“ во вистинска смисла. Социјалните мрежи, паметните телефони и „Јутјуб“ се дел од нивниот идентитет. Брзо усвојуваат трендови, комуницираат визуелно и кратко.
Генерација алфа (2013-2025) – Првата генерација родена целосно во 21 век. Растат со ВИ, ВР, паметни уреди, интерактивни образовни системи и сè понапредна автоматизација.
Точно од линијата на генерацијата алфа би произлегла и потенцијалната „сигма-генерација“.
Зошто токму 2026 година?
Не постои официјална причина – 2026 едноставно стана година што интернетот ја избра како „почеток на нешто ново“: моментот кога ВИ ќе стане целосно интегрирана во образовните системи, забава, помош во домот и дигитални асистенти.
Социолозите потсетуваат дека официјалните имиња на генерациите се утврдуваат многу подоцна, кога ќе постојат доволно податоци за нивна анализа. Сепак, популарноста на терминот „сигма-генерација“ покажува една работа: општеството сè повеќе очекува дека децата родени по 2026 ќе живеат во време кога ВИ, дигиталните платформи и интелигентните системи ќе бидат природен дел од нивниот идентитет.