Долго време се претпоставуваше дека доцнењето во говорот и изливите на бес (тантрумите) кај малите деца одат рака под рака. Сепак, досега немаше големо истражување што би го потврдило тоа со конкретни податоци.
Ново истражување спроведено на Универзитетот „Нортвестерн“, со вклучени повеќе од 2.000 учесници, покажа дека деца со помал вокабулар имаат почести и поинтензивни напади на бес во споредба со врсниците со нормален говор. Ова е првото истражување што го поврзува доцнењето во говорот со потешкиот темперамент кај малите деца, вклучувајќи и деца на возраст од само 12 месеци, многу порано отколку што клиничарите обично сметаат дека може да се препознае проблематично однесување.
Што треба да знаат родителите?
Сите знаеме дека децата имаат тантруми кога се уморни или фрустрирани и повеќето родители го препознаваат тоа. Но, малкумина знаат дека честите или силни напади на бес може да бидат знак за потенцијални ментални проблеми подоцна, како анксиозност, депресија, АДХД и проблеми со однесувањето.
Исто така, и раздразливоста и доцнењето во говорот се ризик-фактори за идни проблеми со јазикот и учењето. Околу 40 отсто од децата што имаат доцнење во говорот ќе имаат трајни јазични тешкотии што може да влијаат врз нивниот успех во училиште.
Во истражувањето учествувале над 2.000 родители на деца од 12 до 38 месеци, кои одговарале на прашања за бројот на зборови што ги користат нивните деца и за нивното однесување, односно колку често детето има тантрум кога е уморно во споредба со времето кога е весело и игра.

Доцнењето во говорно-јазичниот развој било определено како говорење со помалку од 50 збора или неспособност да се составуваат зборови до втората година. Истражувањето покажало дека децата што подоцна прозборуваат имаат речиси двојно поголема веројатност да имаат тешки и/или чести тантруми во споредба со врсниците што немаат тешкотии.
Научниците го сметаат нападот на бес за „тежок“ ако детето редовно прави работи како што се задржување на здивот или удари за време на тантрумот. На децата со вакви напади неколкупати дневно им е потребна помош за да научат како да се контролираат себеси.
Што да прават родителите?
На овие појави треба да се гледа како дел од нормалниот развој. Родителите не треба да се вознемируваат ако детето не зборува колку другите. Причини за загриженост се присутни само ако проблемите и доцнењето се постојани и го влошуваат однесувањето и јазикот. Кога се појавуваат заедно, тие се влошуваат меѓусебно и ја зголемуваат можноста за проблеми, бидејќи детето што зборува малку има проблем во интеракцијата со околината.