Игротека

Дечиња од велешка градинка направија колачиња за здравствените работници во знак на благодарност

Со многу љубов, внимание и посветеност децата од градинката „Димче Мирчев“ од Велес приготвија колачи во знак на благодарност за најголемите херои на сегашницава – здравствените работници

Што е среќа? Што нè прави среќни? Што да направам за другите да бидат среќни? Постојат многу причини за да се биде среќен! Ако сакаш да си среќен, едноставно биди среќен. На светот не постои ништо поубаво од среќно дете. Среќа е кога детското лице е насмеано!

Водени од овие мисли, во градинката ОЈУДГ „Димче Мирчев“ – Велес се реализира проектот „Среќа“, а дел од него е активноста „Јас сум благодарен…“, која е посветена на нашите херои, на здравствените работници бидејќи во ова време-невреме тие најмногу го заслужуваат тоа.

Со многу љубов, внимание и посветеност децата приготвија колачи во знак на благодарност за најголемите херои на сегашницава – здравствените работници.

Со дарувањето на колачињата дечињата им подарија еден миг на искрена среќа во нивното работно секојдневие.

Вредните рачиња беа умешни, лицата насмеани и среќни и секое колаче го ишараа со дел од себе, дел од своето мало срце, дел од својата среќа и секое колаче го посипаа со многу љубов и искрена благодарност.

Дечињата испратија силни пораки на благодарност до здравствените работници за нивниот огромен труд, широката хуманост и непроценливото време посветено на сите нас.
– Вие сте нашите херои! Ви благодариме!
– Вие сте чувари на нашето здравје! Од срце ви благодариме!
– Ви благодариме за вашата храброст, издржливост и посветеност!
– Вие сте наша гордост и надеж и затоа сме ви многу благодарни!
-Ви благодариме и им посакуваме добро здравје на сите!
-Ви благодариме што нè учите како да се заштитиме од болести!

Искажувањето на благодарност е богатство на душата. Со подарувањето на колачето-срце децата уште еднаш покажаа дека имаат богата душа.

Благодарноста е доблест која сите деца ја носат во своите срца, а ние треба само да им покажеме како да ја негуваат, како да ја искажуваат и како да ја доживуваат, бидејќи добрината и благодарноста ќе го одбележат патот на нивниот понатамошен живот – велат оттаму.
Благодарност е да направиш добро дело.
Благодарност е да искажеш бескрајна љубов кон луѓето.
Благодарноста ги учи дечињата на човечност, вистинитост, праведност и смиреност.
Благодарност е да даруваш со љубов.
Среќното дете е благодарно дете.

Автор: Славица Алексоска – психолог
ОЈУДГ„Димче Мирчев“ – Велес

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top