ПРАШАЊЕ: Детето има 2 год. и никако не може да се навикне да оди во градинка. Го носиме од 9 месеци, но со чести прекини поради процесот на адаптација, настинки, вируси… Нормално, на почетокот многу плачеше, но подоцна како да се поднавикна, иако воспитувачките секојдневно ни кажуваа дека нашето дете не сака метеж. На почетокот мислевме дека ќе се навикне на новата средина, но како расте и почнува да ги осознава работите и да кажува зборови, постојано кажува неколку имиња од дечињата што одат во градинка и покажува дека го удираат. Воспитувачките велат дека нема такво нешто, туку дека нашето дете не сака метеж и не сака никој да му се приближи. Последниве 2 недели многу плаче кога го оставаме. Како да се справиме со оваа ситуација? Дали детето доживува некој стрес или и само период кој ќе помине?
ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост и потребата да му помогнете на вашето дете. Адаптацијата на детето во градинка е подолг и доста чувствителен процес, особено ако бил проследен со чести паузи. Кога детето има чести прекини, процесот на градење континуитет и чувството на сигурност се прекинуваат.
Кога вашето дете првпат тргнало во градинка, неговата свесност за светот била поинаква. Тогаш единствен начин да комуницира со вас било плачењето. На 2-годишна возраст детето веќе влегува во една многу динамична и чувствителна развојна фаза. Тоа забележува што се случува околу него, гледа разлики помеѓу луѓето, просторот, звуците и различните ситуации.
На оваа возраст тој веќе почнува да користи и повеќе зборови за да го изрази она што го сака и она што не му се допаѓа. Се појавуваат првите изрази на независноста („фазата НЕ“) кои се здрав дел од развојот и полека се гради чувството на автономија кај детето. Градинката се доживува многу посилно и повозбудливо отколку порано.
Бидејќи детето станува посвесно за сѐ околу себе, а адаптацијата не била целосно завршена, тоа станува и поосетливо на одвојувањето од вас и како да започнувате повторно од почеток. Раното искуство на разделба повторно се проживува и нормално е да сака да биде дома со вас. Сега тој има зборови и свесност за да покажува дека нешто не му се допаѓа. И, иако ова може да изгледа „потешко“, има шанса вашето синче подобро да се приспособи со ваша помош, но и со помош на воспитувачките.

Поради тоа, би било добро наместо да го убедувате дека „таму е убаво“, да го прифатите неговото чувство, па да кажете: „Знам дека ти е тешко кога има многу деца и кога мама/тато одат на работа“.
„Кога те удри Иван, ти се растажи и плачеше?“, „Разбирам дека не сакаш да одиш во градинка, иако е тешко, мама знае дека можеш“. „Сакаш ли денес да го земеш со себе…“ (мала играчка која ќе му дава сигурност), „Мама и тато секогаш се враќаат“.
Потрудете се да покажете сигурност и стабилност, разделбите наутро да бидат кратки, без долги убедувања (бакнежи во двете обравчиња). Без премногу сожалување. Бидете смирни, кога вие не сте вознемирени, тој полесно ќе се приспособи на ситуацијата. Разговарајте со воспитувачките како да му помогнат да се приспособи, ако му е потребен простор или да го заштитат од метежот, можеби повремено да му дадат да игра со некои деца во некое помирно катче.
Дома преку игра да му објаснувате дека мама/тато секогаш се враќаат, така полесно ќе ја разбере рутината.
Најважно е да има постојаност, без чести паузи. Колку повеќе рутина, толку побрзо ќе се намали отпорот и секогаш бидете доследни на она што го кажувате.
Да, вашето дете доживува еден вид стрес, но тоа е нормален развоен стрес поврзан со разделбата и социјализацијата. Ова е нормална развојна фаза, тој има потреба од поголема сигурност и време за адаптација, но со време, трпение и ваша поддршка, се надевам дека наскоро ќе помине.
Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova