Постојат различни стилови на родителство, како и типови родители. Ако постојано го следите секое движење на вашето дете, веројатно сте хеликоптер-родител. Експертите предупредуваат дека мајките и татковците што се однесуваат вака премногу ги штитат своите деца, ги спречуваат да станат независни и одлучуваат сѐ наместо нив.
Но, светот се менува, модерните технологии се сè понапредни, па мајките и татковците „напреднаа“ во подоминантна и помоќна варијанта наречена дрон-родители.
Така, на пример, сега дрон-родителите можат да ги видат оценките на своето дете во електронскиот дневник, но и да им пишуваат на наставниците во различни вибер-групи и во секое време да бараат од нив нова можност да ја подобрат оценката на нивното дете. Исто така, ако детето има проблем со некој од своите врсници, тие родители често ќе испратат порака до родителите на детето да го решат проблемот.
Значи, принципот е јасен – дрон-родителите сè прават тивко, од далечина, сами, а детето не се сомнева дека мама и тато го следат секој негов чекор.
Психолозите предупредуваат дека ваквото родителство е многу штетно за децата и дека прекумерната заштита им отежнува да научат да се соочуваат со животните предизвици.
Се разбира, родителите што се однесуваат вака имаат добри намери, нивната желба да го заштитат своето дете е природна. Меѓутоа, доколку детето не научи да се соочува со негативни емоции, предизвици, проблеми, ќе биде несигурно во себе кога ќе порасне. Сепак, експертите додаваат дека себичноста на родителите поттикнува такво однесување бидејќи тие го прават она што мислат дека е најдобро за детето, но не размислуваат дали тоа е во склад со она што го сака нивното дете.
Во оваа смисла, тие советуваат да внимавате на вашата интеракција со детето, да се преиспитате дали ја преминувате границата или премногу го заштитувате детето. Ако се препознавате како дрон-родител, не обвинувајте се премногу, туку обидете се да го промените тоа и да му дадете на вашето дете малку повеќе слобода – се разбира, во согласност со неговата возраст и карактер.
912