Брзањето наутро за да се подготват сите во домот, приготвување појадок и ручек за децата, како и излегување и навремено стигнување до училиште и работа предизвикуваат најголема напнатост кај мајките.
Истражување спроведено на над 2.000 вработени мајки покажува дека тие се под стрес дури и пред да дојдат на работното место.
Научниците констатирале дека во тој дел од денот жените стануваат свесни дека нивните деца ќе задоцнат на училиште, дека тие ќе задоцнат на работа и размислуваат за илјадници работи што не треба да ги заборават додека ги подготвуваат децата.

Како што покажува истражувањето, ова е прилично стресен период, па е потврдено дека вознемиреноста се пренесува и на децата. Британските истражувачи истакнуваат дека 8 часот и 25 минути наутро е време кога илјадници мајки седнуваат во автомобилите за да ги однесат децата на училиште, со истовремен страв дека ќе задоцнат, па затоа се помалку внимателни и под поголем стрес од вообичаеното, што влијае врз сообраќајните несреќи.
Истражувањето покажало дека 40 отсто од жените кога го почнуваат својот работен ден веќе се под стрес поради сообраќајот што морале да го „преживеат“.
Исто така, секоја втора жена признава дека избегнала најмалку три судири во текот на годината на патот кон училиштето каде што го оставала своето дете, така што се советува порано будење за да се избегнат несреќи.
Автор: Ејми Хилбрич Дејвидс