Практиката бебето да спие во ист кревет со родителите постои со векови наназад во многу култури, а според експертите, заедничкото спиење може да има повеќекратни придобивки.
Иако денес е сè почесто бебето да спие само, во сопствено креветче или дури во посебна соба, сè повеќе експерти и родители се враќаат на концептот на блиско родителство што го промовира заедничкото спиење како начин за зајакнување на емоционалната врска и чувството на сигурност.
Според педијатарот д-р Вилијам Сарс, заедничкото спиење има многу придобивки, од кои најзначајна е подобрата регулација на сонот кај бебињата. Имено, бебињата што спијат до мајката имаат постабилен ритам на спиење, побрзо се смируваат и поретко се будат со плачење. Дополнително, заедничкото спиење го олеснува ноќното доење, што придонесува за подолго траење на доењето и подобра исхрана на детето.
Покрај тоа, како што велат експертите, физичката близина со мајката придонесува за синхронизација на отчукувањата на срцето, дишењето и телесната температура кај новороденчињата. Децата кои уште од рана возраст ја искусиле таа блискост преку заедничко спиење често развиваат подлабоко чувство на сигурност и посилна емоционална поврзаност со родителите.
Родителите кои практикуваат заедничко спиење често пријавуваат понизок степен на стрес, поголема самодоверба во родителската улога и поретко имаат несоници бидејќи не мора да стануваат неколку пати во текот на ноќта за да го смират детето. Многу мајки велат дека заедничкото спиење придонесува и за побрзо закрепнување по породувањето и намалување на чувството на осаменост, особено во првите месеци кога бебето се буди често.

Сепак, и покрај многуте придобивки, Американската академија за педијатрија предупредува на ризикот од синдром на ненадејна смрт кај доенчиња помлади од една година, особено ако не се почитуваат препораките за безбедност. Тие вклучуваат: бебето да спие на грб, на цврста подлога без перници и ќебиња, а родителите да не пушат, да не консумираат алкохол или лекови и да не бидат премногу уморни.
Според експертите, најбезбедна опција е бебето да спие во иста соба, но не во ист кревет со родителите – барем во првите 6 до 12 месеци.
Многу експерти нагласуваат дека ако се практикува внимателно и свесно, заедничкото спиење може да биде исто толку безбедно колку и спиењето во креветче. Тоа може да биде моќен инструмент за создавање емоционална блискост и подобро родителско искуство, но не е соодветно за сите. Клучно е родителите да бидат добро информирани, да ги знаат мерките на претпазливост и да го следат својот инстинкт и потребите на своето дете.