Воспитување

Дали воспитувате мрзливо дете во име на љубовта?

Самостојно дете е сон на секој родител, но често се греши во воспитувањето.

Презаштитеното дете никогаш не станува независно затоа што нема потреба од тоа. Нема причина да го криете и заштитувате и од најмал проблем и најлесна работа. Често велиме: „Нека си ужива додека е млад, ќе дојде време кога ќе работи“, „Пушти ме мене, не го знаеш ти тоа“, „Јас немав, детето нека има сѐ“, „Врне, не оди на училиште“… Желбата нашето дете да биде среќно не значи да не ги развиваме неговите способности. Од мали нозе научете го детето да не зависи од вас. Не помагајте му со работи кои може да ги прави само, од врзување на врвките на чевлите до користење на машината за перење. Кога вашето дете може да направи појадок, да се облече и да оди на училиште, да сака да ја расчисти масата по ручекот и подоцна да се посвети на учењето, вие многу сте постигнале.

Вежбајте ја волјата на вашето дете. Не наведнувајте го грбот. Лошо е кога детето е летаргично, сѐ му е тешко, од местење на играчки до учење. Не воспитувајте мрзливо дете во име на љубовта и воведувајте правила кога станува збор за средувањето на домот. Што се однесува до училишната работа, оставете го прво да ги направи потешките домашни задачи, а потоа полесните. Барајте неговите тетратки и учебници да бидат чисти, а училишната чанта уредно спакувана за наредниот ден. Не отстапувајте од создавањето работни навики бидејќи ја отворате вратата за успех во иднина.

Независно дете

Детето е рамноправен член на семејството. Почитувајте го и замолете го да ве почитува. Нека го јаде тоа што е подготвено. Никогаш не критикувајте ги неговите избори, од неговите хобија до изборот на партнер. Доволно е да го водите на убав начин и да го заинтересирате за нешто. Придобивката од читањето книги е исто така непроценлива, поттикнете го на тоа, но не наметнувајте му книги. Доколку е во проблематично опкружување, кажете му го тоа мирно и разумно. Ако забележите дека се повлекува во себе и нема храброст да се спротивстави на насилство од кој било вид, научете го на храброст со личен пример. Кога ќе види дека реагирате на неправдата, ќе научи да ги брани своите ставови.

Негувајте го физичкото и менталното здравје на детето. Само здраво и стабилно дете станува човек кој знае да се грижи за себе. Инсистирајте уште од мало да си легнува навреме и да сфати дека добриот сон е услов за бистар ум. Обезбедете му редовни оброци. Контролирајте го гневот кај децата бидејќи тие се лути ако се уморни, вознемирени или гладни.

Не влевајте му страв на детето за да биде смирено. Не плашете го. Пристапете му на секој негов страв рационално и објаснете му што е нереално. Тоа мора да знае дека соочувањето со она што мора е неизбежно. И не купувајте љубов со пари, не вадете го паричникот ако нешто е направено како што треба. Знаете кога е време за подароци. Важно е детето да има свој џепарлак и да троши во рамките на своите можности. Покажете му како да прави добротворни работи и да помага. На овој начин ќе ја сфати важноста на благодарноста.

Грижете се за себе за да можете да се грижите за детето. Тоа е една од најголемите обврски на родителот. Кога детето ќе види дека сте одговорни кон себе, ќе го усвои тој модел, па така ќе се однесува и кон себе.

Извор

Поврзани написи

To top