Децата спонтано пеат тогаш кога се чувствуваат сигурни, опуштени и поврзани и токму тоа го прави пеењето драгоцен показател за нивната внатрешна емоционална состојба.
Спонтаното пеење најчесто се јавува во моменти на игра, здодевност, рутина или осаменост. Децата пеат додека си играат, цртаат, се возат во автомобил, облекуваат патики или седат на нокшир. Тоа не се секогаш познати песнички, често се измислени стихови, мелодии без правила, брборење што го следи ритамот на нивното расположение. Пеењето се случува кога детето не чувствува притисок однадвор и кога не „мора“ ништо и е во свој свет.
Поврзаност со емоционалната сигурност
Спонтаното пеење е знак на емоционална сигурност бидејќи детето што пее:
- се чувствува безбедно во својата средина;
- не е под стрес или исплашено;
- доживува прифаќање и слобода на изразување;
- поврзано е со себе и со другите.
Децата не пеат кога се уплашени, кога се напнати, збунети или кога чувствуваат дека некој ги набљудува. Пеењето бара внатрешен мир, поволна емоционална атмосфера и чувство на слобода и се јавува кога сè е во ред.

Како е тоа докажано?
Истражувањата во развојната психологија и музичката педагогија покажуваат дека децата најчесто спонтано пеат во домашни услови каде што се чувствуваат сигурно. Истражувањата покажале дека децата изложени на топло, негувано опкружување почесто пеат и имаат поголеми изразни способности.
Во Монтесори и Валдорф педагогијата, набљудувањето на спонтаното пеење се користи како индикатор за емоционалната стабилност на детето.
Невролошки, пеењето ги активира деловите на мозокот поврзани со задоволство, смирување и регулација на емоциите, особено кога е спонтано.
Што можат да направат родителите, наставниците и воспитувачите?
Наместо да го форсираме пеењето, важно е да им овозможиме на децата простор и атмосфера во која тоа ќе се појави спонтано:
- да не ги прекинуваме кога пеат;
- да не ги коригираме, исправаме или исмејуваме;
- да не бараме „да отпеат нешто“ на барање како настап.
Зашто најдрагоцените песни не се оние што детето ги „знае“ напамет, туку оние што само ќе ги измисли, ќе си ги потпевнува или тивко ќе ги пее додека си игра. Тоа е музиката на неговиот внатрешен свет и знак дека расте во сигурност и љубов.