Дали сакате вашето дете да биде популарно и да има многу другари? Речиси е излишно да поставуваме такви прашања бидејќи сите сакаме нашето дете да биде сакано и да има многу другари на кои ќе се потпре. Ова особено доаѓа до израз ако и родителите се навикнати да имаат голем број пријатели околу себе.

Затоа, не е изненадување што една студија на Универзитетот во Мичиген покажала дека 19% од родителите велат оти нивното дете нема или, пак, нема доволно пријатели, а повеќе од половина, 52% од нив, наведуваат барем еден фактор, на пример срамежливоста, што го спречува нивното дете да гради пријателства.

На многу родители не им е лесно да го гледаат своето дете знаејќи дека нема доволно пријатели или дека не му оди добро во средината. Секако, инстинктот на родителите ќе им каже дека мора да му помогнат, а тоа е сосема оправдано. Сепак, треба да внимаваме колку и на кој начин му помагаме, односно да внимаваме да не претераме, предупредува д-р Сара Кларк, научник од педијатрискиот оддел на Универзитетот во Мичиген.

-Сакате да олесните, но не и да преземете. Мислам дека многу добронамерни родители одат предалеку – вели таа.

Водете го детето во близина на други деца

Однесете го детето да си игра во парк каде што секогаш има многу деца, или спријателете се со родител кој има дете на иста возраст како вашето, а потоа организирајте термини за играње. Ако детето е срамежливо и често се повлекува од големи групи, можеби не е добра идеја да го однесете на преполно игралиште. Наместо тоа, побарајте активност каде што децата се во помали групи. Исто така, важно е да го пуштите детето кога ќе го доведете во групата.

-Родителот мора да направи чекор и да ги остави децата да одлучат колку сакаат да играат. Родителите не треба да интервенираат за да се осигурат дека сите деца се согласуваат меѓу себе – вели Кларк.

Покажете што значи да се биде добар пријател

Децата имитираат однесувања. Ако ве видат како велите, на пример, „Жал ми е“ кога случајно ќе се удрите во некого, тие ќе го направат истото. Истото важи и за пријателствата. Ако детето сведочи како му помагате на соседот да го запали автомобилот или како го чувате кучето на вашиот пријател, ќе почне да разбира како да биде пријател. Пријателите прават мали нешта што ја прават другата личност среќна. Кога детето ќе види дека му помагате на некој ваш близок, на кој било начин, тогаш му испраќате порака дека тоа го прави добриот пријател.

Меѓутоа, ако чувствуваме потреба да интервенираме за да му помогнеме на детето ако нешто не оди добро – треба да престанеме.

-Понекогаш родителите се премногу вклучени, до тој степен што не им даваат простор на нивните деца да научат како да се дружат и да бидат пријатели и да ги усовршат своите социјални вештини – вели д-р Кларк.

Не е лесно да гледате дека вашето дете не се вклопува во општеството или не може да разговара со други деца, но таквото искуство може да значи и раст за детето.

-Добронамерните родители се срамат кога нивното дете се однесува грубо, но тоа е дел од учењето. Ако се вклучите и го поправите тоа, на децата им е тешко да го видат редоследот на настаните што се случуваат. И понекогаш тоа вклучува некои несреќни последици како кога пријателот ќе се налути или не сака повеќе да игра, но затоа треба да ги оставиме децата да го научат тоа – заклучува Кларк.

Значи, можеме да им го покажеме патот, но не можеме да ги присилиме на контакт и врска. Колку и да им посакуваме добро. Со други зборови, токму затоа мораме да ги оставиме.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X