Здравје

Дали трудницата треба да јаде за двајца? Вистини и митови за бременоста

Бременоста е време за возбуда, но и разни промени кои се однесуваат на животниот стил. Бремените жени имаат недоумици за тоа што смеат, а што не смеат да прават, особено ако се работи за прва бременост. Постојат различни совети кои се пренесуваат од генерација на генерација, а многу од нив може да бидат збунувачки. Освен тоа, некои од советите што ги добиваат трудниците се само делумно точни, додека некои од нив се митови. За тоа зборува д-р Џенис Јелчиќ, специјалист по гинекологија и акушерство од Специјалната болница „Подобник за гинекологија и акушерство“ во Загреб, па открива кои најчести совети врзани со бременоста се митови, а кои вистина.

Жената би требало да јаде за двајца кога е бремена

Исхраната во текот на бременоста треба да биде избалансирана и разновидна. Иако трудницата јаде за двајца, не би требало да јаде двојно. Препораките се во првото тримесечје трудницата да јаде еднакво калории како и пред бременоста, во второто тримесечје 300 калории повеќе, а во третото тримесечје 400 калории повеќе отколку пред бременоста. Ова се насоките генерално, но и на секоја бременост треба да ѝ се пристапи индивидуално.

Жената треба да избегнува вежбање во бременоста

Вежбањето во бременоста им се препорачува на здравите трудници со уредна бременост, особено ако биле физички активни пред бременоста. Со вежбањето во бременоста се постигнува флексибилност, подобра циркулација и намалена отеченост на нозете и рацете, намалена болка во карлицата и колковите, а се подобрува и спиењето.

Консумирањето одредена храна во текот на бременоста може да предизвика развој на алергија кај детето

Иако постојат многу потенцијални алергени, најчесто алергии на храна предизвикуваат јаткастите плодови, кикиритки, јајца, кравјо млеко, риба, школки и пченица. Нивното консумирање во бременоста како и намалениот внес на омега-3 киселини од храната, кои имаат антиинфламаторно влијание, се поврзани со зголемен ризик од развој на алергии кај детето.

Трудниците не би требало да имаат сексуални односи

Трудниците може да имаат секс во бременоста, освен во состојби со зголемен ризик за спонтан абортус или предвремено породување, повеќеплодни бремености, ниска положба на постелката, како и крвавења во бременоста од која било причина.

Трудниците би требало да избегнуваат контакт со мачки

Инфекцијата која трудницата би можела да ја добие од мачка, поточно од нејзиниот измет, е токсоплазмоза. Токсоплазмозата може да има сериозни последици врз плодот, зависно од тоа во која фаза од бременоста настанала и од имунизацијата на трудницата пред бременоста. При самиот контакт со мачката трудницата тешко може да се инфицира со токсоплазма, меѓутоа, трудницата што има мачка во домаќинството треба да спроведува хигиенски мерки, како што е често миење на рацете, избегнување чистење на песокот, избегнување термички необработени намирници и друго.

Вагиналното породување не е можно по породување со царски рез

Вагинално породување е можно по еден царски рез и зависи од други фактори, како што е причината за првиот царски рез, големината и положбата на детето и други. Вагиналното породување по претходни два царски реза не е возможно.

Одредена храна и пијалаци може да предизвикаат контракции

Можат, но не мораат. Постои храна која може да поттикне контракции и породување, а најчесто се споменуваат босилекот, ананасот, зачинетата храна и бабаите. Треба да се има на ум дека во бременоста не треба со ништо да се претерува и дека почетокот на породувањето е условен од синергијата на мајката, постелката и детето.

Во ред е да се испие чаша вино или друг алкохолен пијалак во текот на бременоста

Пригодна и умерена консумација е во ред.

Трудниците не би требало да летаат со авион

Трудниците може да патуваат со авион до 36. недела од бременоста. Не се препорачуваат долги летови во бременоста, а воопшто летови за трудници со тромбоза, фрактура на коски, тешки анемии, како и оние трудници што имаат сериозни тегоби со срцето или белите дробови.

Бојадисувањето на косата и лакирањето на ноктите во бременоста се штетни за бебето

Бојадисувањето на косата во бременоста не е штетно за плодот, но во практика трудниците би требало да го избегнуваат во првото тримесечје, а секако да се користат и природни бои без амонијак и пероксид. Во првото тримесечје трудниците би требало да избегнуваат и зачестено лакирање на ноктите, додека подоцна во бременоста не е штетно за детето, но и повторно умерено и со проверени состојки, односно без ацетон, формалдехид, фталати, толуени…

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top