Ве иритира и ве лути кога вашите деца не го ценат трудот што сте го вложиле во приготвувањето на оброкот, особено кога ја туркаат чинијата со згрозеност?
Дури и кога сте во силно искушение, не одговарајте со типичната родителска забелешка: „Само помислете на прегладнетите деца во Африка!“ На крајот на краиштата, многу генерации деца уште одамна имаат сфатено дека нивниот оброк нема многу врска со децата од другите делови на светот, ниту со оние деца што гладуваат во Африка.
Но, обидете се да се запрашате: Дали децата навистина треба да јадат сè што ќе им ставите во чинијата? Дејна Мунд, онлајн консултант на германско советувалиште за родители, на ова прашање одговара негативно. Не секогаш е лошо ако детето сака да јаде само помфрит за ручек или – ништо. Потребата за храна обично ја регулира самото тело, објаснува Дејна.
Наместо да се навредат, родителите треба да ги научат своите деца како да се хранат здраво. А тоа значи да не ги терате да јадат сè што ќе им ставите во чинијата ако кажат дека се најадени. Ако детето е пребирливо кога станува збор за храната, родителите можат да се обидат да додадат забава во оброците, можеби со одредување ден во неделата за неговата омилена храна, советува таа.
Добро е ако детето биде вклучено во купувањето и приготвувањето на оброкот. На децата што не сакаат зеленчук може да им се понуди сок од зеленчук или зеленчукот може да се сервира на креативни начини.
Мунд ги предупредува родителите да не ги принудуваат децата да јадат студен оброк со непривлечен изглед и потсетува дека ни возрасните не сакаат да консумираат таква храна. Таа вели дека нема смисла да се обидувате да поврзете други активности со оброк или да кажувате реченици како: „Ако не го изедеш јадењето, не можеш да гледаш телевизија“, бидејќи гледањето телевизија нема врска со ручекот или вечерата.
Мунд тврди дека американските истражувања не пронашле врска помеѓу притисокот за време на јадењето и подоцнежното пребирливо јадење на детето бидејќи пребирливото јадење не е нешто што може да се промени, исто како што е тешко да се промени срамежливоста на детето.
– Подобро сменете го вашиот пристап и не вршете притисок врз детето – советува таа.
Многу родители ги поткупуваат децата да изедат сè што е во чинијата. „Уште две лажици“ или „Кога ќе го изедеш сето тоа, ќе добиеш сладолед“, се вообичаени реченици во речиси секое семејство. Ризикот од овој пристап е дека кога го охрабрувате детето да јаде храна дури и ако не е гладно, ризикувате да се прејаде и неговите инстинкти да бидат измамени. Наместо тоа, научете го да ги слуша сигналите што ги испраќа неговото тело. Ако се занемарат, прејадувањето може да стане вообичаено.
912