Секој родител ќе ви каже дека треба да спиете секогаш кога можете откако ви се родило бебе. Во првите два месеца по раѓањето новороденчето обично се буди и сака да јаде на секои два-три часа. Овој распоред варира во зависност од низа фактори, како што се формата на хранење, болест, па дури и собната температура, па затоа се препорачува родителите да спијат кога спие бебето.
Меѓутоа, ако вашето бебе конечно спие цврсто во текот на ноќта, дали треба да го разбудите за да му ја смените пелената или треба да го оставите да спие?
Новороденчињата често уринираат во текот на ноќта и тоа може да предизвика природно будење или да доведе до исип ако се остави до утрото. Ако не сте сигурни дали да го разбудите вашето бебе, еве неколку прашања што треба да си ги поставите.
Дали станува збор за мочкање или какање?
Новороденчињата имаат влажни пелени 6-10 пати на ден, обично еден час или два по хранењето. Долготрајната изложеност на урина може да ја промени pH-вредноста на кожата на вашето бебе, а некои бактерии и габи напредуваат во алкална средина. Урината може да ја исуши кожата и да доведе до триење и исип. Меѓутоа, ако го храните вашето бебе по распоред од два до три часа, можете брзо да му ја смените пелената по хранењето без да го будите, за да го минимизирате исипот.
Меѓутоа, ако вашето малечко се искакало, неопходно е веднаш да му ја смените пелената, дури и ако е 3 часот наутро. Изметот содржи високо ниво на штетни бактерии, кои можат да предизвикаат исип и инфекции. На повеќето бебиња им е непријатно по дефикацијата, па ако слушнете непријатни звуци, проверете го.
Какви пелени користите?
Повеќето модерни пелени за еднократна употреба впиваат многу, ја отстрануваат влагата од кожата за да го минимизираат ризикот од исип. Бидејќи новороденчињата обично не произведуваат значителни количини на урина, можеби е безбедно да се остави пелената до утрото.
Купете пелени со соодветна големина за тежината на вашето бебе за да избегнете да го будите ноќе за да му ја смените пелената.
Платнените пелени се фантастичен еколошки избор и можат да бидат попристапни. Сепак, тие често помалку впиваат од пелените за еднократна употреба и треба почесто да се менуваат.
Дали му е неудобно на бебето?
Без разлика на типот на пелена што ја користите, или колку често вашето бебе ја валка пелената, ако му е непријатно во текот на ноќта поради пелената, само ќе се разбуди.
Промена на пелената за време на хранењето
Ако вашето бебе сè уште се буди за ноќно хранење на секои два до три часа, најдобро е да му ја менувате пелената по хранењето за да се врати во креветот чисто и суво. Во текот на ноќта бебињата обично се полусвесни додека се хранат, па ако сте многу нежни додека му ја менувате пелената, може воопшто да не се разбуди.
Ако бебето веќе има полна пелена пред јадење, сменете му ја за да ја намалите непријатноста. Мала е веројатноста дека повторно ќе ја наполни пелената за време на хранењето.
912