Во тинејџерската доба тантрумот можеме да го разгледуваме како емоционално празнење или излив на бес. Во кој интензитет ќе биде изразен, колку ќе трае и колку ќе се повторува, зависи од многу лични и околински психолошки фактори. Ова е период во кој очекуваме детето да воспоставило самоконтрола врз своите емоции и своето однесување, но не секогаш е така.

Причините за изливот на бес може да ги разгледаме од воспитен и од личен/психолошки аспект.

Воспитниот аспект би укажувал на рано воспоставени граници и правила на однесување кои доколку не се воспостават поради попустлив или презаштитнички воспитен стил, во адолесцентната доба лесно може да преминат во фрустратибилни елементи за тинејџерот и причина за таквата фрустрација. Тоа најчесто го забележуваме кога тинејџерот сака да добие нешто (нов телефон, поголем џепарлак, продолжено време за излегување и сл.).

Во личниот/психолошкиот аспект како најчести причини за излив на бес кај тинејџерот би ги истакнала:

Потреба за привлекување внимание поради чувство на неприфатеност од семејството, инфериорност, чувство и личен увид дека не е сакано, неуважено, неинволвирано во семејните ангажмани.

Барање авторитет како последица на мисловен и емоционален хаос кој може да доведе и до нарушено ментално здравје.

Потреба за одмазда која се јавува кај дете кое е во потрага по љубов, сослушување и разбирање од страна на семејството или околината.

Неприспособливост кон нови ситуации како последица на ниско себепочитување, лоша слика за себе, себенеприфаќање.

За разлика од малите деца, кои доживуваат развоен тантрум на возраст од 2-3 години, изливот на бес кај тинејџерите е многу повеќе емоционално истрошувачки за родителите. Таквиот тантрум од родителот бара разбирање, поддршка, понудени алтернативи и можности за избор, компромитирање и соработка, дефокусирање или тајмаут-период. Контрапродуктивно е ако во тој момент на тинејџерот му се упатат нереални закани, ако брзо се донесат нови правила како резултат на однесувањето, казна која и самиот родител знае дека нема да биде реализирана или пак применета, но недоследно изреализирана.

Како би ги превенирале овие изливи на бес кај адолесцентот ако не преку семејниот систем кој придонесува до градењето на една личност преку здрави и силни семејни релации, поттикнувајќи секогаш поддржувачки глас наспроти критички глас во комуникацијата со детето, кое еден ден ќе стане тинејџер, а потоа и возрасен човек.



912

X