Воспитување

Дали сум лоша мајка ако го удрам детето кога го става прстот во штекерот?

Дали сум лоша мајка ако го удрам детето кога го става прстот во штекерот?

Не. Прашањето за удирањето деца или неудирањето нема врска со мајките, има врска со децата.

На експертите за ментално здравје и развој на децата им останува да ги предупредат луѓето за штетните последици од ваквите активности, како што стоматолозите се должни да предупредат за штетноста на благото за забите, или докторите за нешто што има лошо влијание врз физичкиот развој на детето. Ако се чувствувате виновни кога ќе го удрите детето, со право го чувствувате тоа. Чувствата се таму за да нè предупредат дали правиме добро или лошо, а не можеме да правиме лоши работи и да се чувствуваме добро.

Постојат многу приказни на темата за телесно казнување на децата. Експертите предупредуваат дека со физичко казнување ги учиме децата дека насилството е во ред, без разлика дали го трпи или го извршува, и сосема е разбирливо дека постои широко распространета толеранција за насилство во нашето општество, затоа што „и мене така ме тепаа, па што ми фали“.

Ако се чувствувате лошо кога ќе го удрите детето, тогаш овој текст е за вас.

Вие не сте лош родител, само во тој момент не сте знаеле и не сте можеле да направите подобро. Не сте спиеле, имате проблеми на работа и дома, презаситени сте… Тоа и понатаму значи дека сте го удриле детето за себе, а не за него. Тоа е аларм дека треба да преземете одговорност за вашето однесување затоа што друго лице, било да е тоа дете било возрасен, не може да биде причина за нашето однесување.

Прашањето за удирањето на децата не е прашање на дисциплинирање, туку на вредности во воспитувањето. Дали детето се гледа како предмет што треба да се доведе во ред? Дали на детето се гледа како на проширување на нашите потреби (тоа треба да спие кога ние спиеме, да се одмори кога ние се одмараме…)? Дали детето се гледа како слика на нашата личност? Дали тоа значи дека она што ќе го направи е срам за родителите? Или на детето се гледа како на суштество кое има сопствено размислување? Како суштество што има своја волја од раѓање? Дали тоа се почитува како посебна личност? Дали се смета за способна личност во согласност со неговата возраст? Дали знаете што е во согласност со неговата возраст? Дали му верувате на детето?

Кога се разгледува овој проблем, неизбежно е да се забележи конфликт на генерации во воспитувањето на децата.

Претходните генерации имаа тенденција да го вклопат детето во околината, а денешните генерации се стремат да ја приспособат околината кон децата. На пример, денес сите опасности во куќата и станот се отстрануваат или се обезбедуваат сè додека децата не развијат можност да размислуваат на ниво на кауза и ефект, додека во претходните генерации честопати беше случај за сè да биде речено „не“, при што детето беше удирано по прстите на начин на кој се убиваат љубопитноста, волјата, креативноста и иницијативата на детето или се раѓа уште поголем бунт што подоцна, особено во адолесценцијата, еруптира низ разни деструктивни или самоуништувачки однесувања.

Како да му се објасни на дете од една година дека не смее да направи нешто без да го удирате?

Никако. Детето на таа возраст можете само да го исплашите и стравот ќе го блокира, но тоа нема да се откаже само од ринглата и штекерот, ќе се откаже од многу работи, меѓу кои и дека е добра и вредна личност. Не сум сретнала родители што успеале само со еден удар на двегодишно дете да го научат на однесување. Често удирањето се повторува по неколку дена поради истото однесување. А притоа честа е реченицата: „Нели ти реков?“ или „Дали треба сто пати да ти кажам?“ Да, треба! Џеспер Џул, семеен терапевт, вели дека на детето треба да му се каже двесте пати за да се интегрира нештото во неговото однесување. Запомнете го тоа.

Затоа, целта на овој текст не е да бидам противник на удирањето по задникот, мојата цел е удирањето да го изгуби своето значење. Бидејќи покрај тоа што е неизмерно понижувачко за детето, тоа е штетно и за родителот, кој истото го чувствува по неколку минути, ги чувствува емоциите на беспомошност и понижување на детето со механизмот на проекција, механизмот кој е вроден, кој му е даден на детето за да разбуди емпатија во родителот на тој начин што детето преку својот поглед, мимики, зборови, јазик на телото му ги пренесува на родителот своите чувства.

Верувам дека сте слушнале дека можете да му обезбедите дом на детето без разни пречки, кои како што ќе растат можете да ги отстранувате една по една, со образложување зошто. Обезбедете ги штекерите или бидете подготвени 200 пати да кажете „не“ додека не научи. Верувам дека сте слушнале дека треба да бидете решителни во тонот и ставот кога ќе кажете „не“, тоа да не го правите со тивок глас додека лежите на кауч.

Верувам дека сте слушнале дека кога ќе му кажете на детето што не треба да прави, во истата реченица треба да му кажете што треба да прави: „Не допирај го штекерот, земи играчка“. „Не прскај вода, земи сапун“. „Не допирај ја ринглата, земи крпа“. Одвлекувањето на вниманието на децата до 2 години е успешна техника, доколку е во согласност со вашите вредности во воспитувањето.

Има луѓе што не веруваат во љубов и долговечен брак. Има луѓе што го живеат. Има луѓе што не веруваат во воспитување без удирање. Има луѓе што така пораснале.

Не можам да ви кажам да не ги осудувате родителите што удираат деца, не можам да ви кажам да не ги осудувате родителите што не удираат деца, затоа што имате своја глава и своја волја.

Можам да ве повикам да размислувате, да учите, бидејќи секогаш има што да се научи.

Не сум за законско казнување на родителите што физички ги казнуваат децата поради две причини:

1. Не можеме да го потиснеме насилството врз децата со тоа што ќе извршиме насилство врз родителите. Сè уште зборуваме за позицијата кој е посилен и кој е послаб наместо за еднаквост, што значи дека како општество имаме многу работа во искоренувањето на токсичните обрасци во меѓусебните односи, кои се присутни со векови. Наместо тоа, воведете и обезбедете дополнително образование за родителите.

2. За детето е немерливо поголем стресот поради казнување на родителите или изолирање од семејството отколку еден удар по газето.

Извор

Автор: Сунчица Јовановиќ, психолог, психотерапевт

Поврзани написи

To top