Игротека

Дали сум добра мајка?

Прашање што се раѓа најдоцна оној ден кога по безгрижното пловење во плодовата вода на (суровиот) свет ќе стигне вашето душиче, бебе, злато и слично.

Прашање што умира со вас, во оној, непознат ден.

Прашање на кое одговорот суштински може да биде само да или не.

Ако го испалиме како од топ, одговорот „да“ звучи самоуверено и бескомпромисно, речиси како да ни се причинило прашањето. Одговорот „не“ во голема мера е мазохистички. Вистинскиот одговор содржи од сè по малку, иако се сведува на еден главен збор, но не треба да се дава предвреме.

Дали сум добра мајка ако на моето злато му го забранам она што најмногу го сака? Да, ако со таа постапка сакам да го научам нешто. Не, ако тоа го правам од каприц и сопствена фрустрација.

Дали сум добра мајка ако понекогаш манипулирам со своето дете? Да, ако со тоа го наведов да дојде до некоја правилна постапка или заклучок. Не, ако тоа го правам од каприц и сопствена фрустрација.

Дали сум добра мајка ако своето тригодишно душиче го оставам да плаче? Да, ако се обидувам да го научам дека не може да манипулира со мене. Не, ако сум зафатена со себе и го мразам моето „заробеништво“.

И така натаму.

Постојат многу примери, но ретко е можно грубо да се издвојат овие работи затоа што тие се распространети во нашата потсвест (детето плаче, јас навидум сум смирена и не му дозволувам со хистерија да ја решава суетата на сопствената волја, но истовремено можам да бидам и доста уморна за таа борба, па едноставно го игнорирам плачот, додека не се соберам, иако ме боли во душата).

Колку сме, преплавени со љубов (или желбата за контрола или еуфорија или поседување), способни рационално да ја согледаме секоја ситуација – од периодот на одбивање на детето од доење до, на пример, ситуации во кои децата се носат во социјални служби или на суд за да го „кажат своето мислење“ за тоа дали сакаат да бидат кај мама или тато. Толку сме мудри и сталожени што живееме со сознанијата за здравствени проблеми – од „најобична“ температура (која никогаш не е „обична“) до сериозни недостатоци, болести и состојби?

Болката е составен дел од животот, а умее да биде лековита, само ако ја разберете. Тоа е и збор што го придружува родителството уште од почетокот, а на нас останува (колку порано толку подобро) да најдеме начин како да ја прифатиме и да научиме да живееме со неа.

Бидејќи, децата растат, созреваат и на крајот заминуваат по својот пат. Ако им останеме во срцето, тоа е долго посакуван доказ дека одговорот на прашањето од почетокот е – да.

Но, тој ретко се сознава во вербална смисла, но се спознава секој ден, ако тоа искрено го сакаме и ако прифатиме и се сакаме себеси низ мислата: „Да, јас сум добра, несовршена мајка“.

Автор: Ана Ѓорѓевиќ

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top