ПРАШАЊЕ: Јас сум мајка на 13-месечно девојче и би сакала да ве прашам за стравовите што ги има. Стравот го изразува кога ќе посегне по некоја играчка која е многу подалеку и треба да направи поголемо движење, меѓутоа, не го прави, несигурна е дека може да се помести и се враќа назад во првобитната положба. Реагира со поизразен страв и почнува да плаче кога членовите на семејството се довикуваат од една до друга соба, инаку петчлено семејство сме, има сестра и брат близнаци 12-годишни. Ѝ помагаме да вежба самостојно стоење, меѓутоа, сѐ уште со помош и поддршка и досега не сме ја пуштиле да падне да се повреди, па поради тоа да е зголемен стравот. Што да преземам да се намалат стравовите?
ОДГОВОР: Секој моторичкиот развој кај секое дете има свои посебни одлики, но и универзалности наспрема развојните параметри. Секој процес на проодување кај секое дете предизвикува страв од повреда и страв од непознато. Дали стравот ќе биде пренагласен или нормализиран, зависи од пристапот на возрасните. Пред детето да прооди, потребно е да прави несигурни и неуспешни обиди со кои учи да го координира своето тело и да паѓа на двете раце паралелно.

Со тоа се зацврстува невролошката рамнотежа и детето добива пофлексибилна координација. Во вашиот исказ не информирате за тоа дали детето лазело и колку време, дали оди додека се потпира за нешто. Затоа, во процес на проодување просторот во кој се движи детето треба да биде безбеден, односно да нема остри и опасни предмети и подот да биде мек. Штом ќе ја обезбедите безбедноста, тогаш треба да настапи охрабрувањето и дозволата да се падне на под, да развива толеранција на болка и да учи дека по секое паѓање не се случува ништо лошо. На тој начин и стравот се нормализира.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com