Игротека

Дали социјалните мрежи премногу влијаат врз начинот на воспитување на децата?

Од инстаграм-профили посветени на проблемите на тинејџерите до тик-ток видеа со „5 нежни начини како да го насочите вашиот тинејџер“, лесно е да се стекне впечаток дека сите треба да бидеме совршени родители. Но, овие профили се повеќе предаторски и манипулативни отколку што помагаат. Сè поголем број се појавуваат секојдневно и може да ве натераат да се чувствувате како сè да правите погрешно.

Ако една тик-ток инфлуенсерка вели дека дозволува нејзиното дете да седи пред екрани, зошто тоа не функционира за вашето? Лиценцираната инстаграм-терапевтка ветува дека вашиот тинејџер ќе ви раскаже за тоа како поминал на училиште само ако имате барем еден заеднички семеен оброк (иако тоа понекогаш е невозможно). Сигурно некаде во овие апликации постои совршен совет за вас кој навистина ќе функционира, нели?

Да, можеби. Но, исто така, можеби не мора секогаш да трчате и да барате помош од социјалните мрежи.

– Родителите ги воспитуваат своите деца во време на наплив на информации. Секојдневно сме бомбардирани со мислења за тоа како најдобро да ги воспитуваме нашите деца, без оглед дали тоа доаѓа од инфлуенсери или инстаграм-експерти, од други родители на фејсбук-групи или едноставно од добронамерни роднини. За многу родители, ова навистина предизвикува анксиозност и пренатрупаност – вели клиничкиот психолог Хана Холмс.

Тешко е да се замисли време кога немаше интернет за пребарување родителски совети, туку ја користевме сопствената интуиција и разговорот со луѓе на кои им веруваме. Иако изгледа многу корисно да можете да пребарувате сè во секој момент, премногу потпирање на социјалните мрежи или апликации со цел да добиеме „непогрешлив“ план за родителство може да донесе повеќе штета отколку корист. Понекогаш тоа создава проблеми кои дури и не сме ги замислувале. Потоа, секако, се чувствуваме како неуспешни родители и трчаме да најдеме совршен совет за да го решиме и тој проблем.

– Откако се породив, мојата мајка, која нѐ воспитуваше мене, моите браќа и сестри во 90-тите, често забележува дека моите врсници и јас премногу размислуваме кога станува збор за родителството. И според мене, тоа е вистина. Се грижам за најмалите работи врз основа на инстаграм-видеа. Најново: Дали премногу ја фалам ќерка ми? Дали тоа ќе ја направи нарцисоидна или премногу зависна од пофалби? – вели Холмс.

Иако признава дека постојат големи придобивки од сите достапни информации на интернет, како што е можноста родителите да користат стратегии базирани на докази и совети во воспитувањето од експерти, таа предупредува дека ова може да стане премногу кога родителите почнуваат да се споредуваат со нереални стандарди на луѓе кои не ги познаваат нив, нивните деца или нивните семејства.

Тоа не значи дека никогаш не треба да се обратите на интернет ако имате прашање поврзано со родителството. Сепак, Холмс советува да ги приспособите вашите социјални мрежи и да го ограничите пребарувањето за да не бидете пренатрупани со информации.

И иако треба апсолутно да обрнувате внимание на совети и информации од вашиот лекар и други доверливи извори, Холмс сака родителите да запомнат дека имаме и сопствено чувство за потребите на нашето дете.

– Низ историјата, родителите ги воспитувале своите деца водени од сопствената пресуда и интуиција, заедно со советите на доверливи ментори и семејството. Вратете се на основата: сакајте ги, поминувајте време со нив, обезбедете ги нивните потреби – вели таа.

Извор

Поврзани написи

To top