Родендени. А родендените значат подароци. Добро, не е смислата само во подароците, туку во нешто сосема друго, но знаеме и дека роденденските подароци се важни. Децата, секако најмногу, но и родителите сакаат да „ѕирнат“ во тие магични шарени хартии и да видат што се крие во нив… А кога станува збор и за прослава по повод тие родендени, тогаш има уште повеќе подароци и на изненадувањата и возбудата им нема крај.
Меѓутоа, бидејќи роденденските прослави сега се одвиваат во игротеки, каде што обично пристигнувате десет минути порано или на самиот почеток од прославата, со тоа што родителите не се присутни со децата на роденденот, знаете како функционира тоа, главно сè работи на истиот принцип: детето ги гледа подароците само кога ги прима и му ги предава на родителот кој со еден куп украсни кутии се упатува кон автомобилот. Кесите остануваат таму, а подароците се отвораат дома, по роденденот. Се разбира, во кругот на семејството.
Па, сега дали е тоа во ред или не, дали нешто се изгубило на овој начин или не, за тоа би можело да се разговара.
Една мајка на интернет се запрашала дали е тоа нов тренд – неотворање на подароците на роденден, а коментирала дека тој тренд воопшто не и се допаѓа.
Овој нов тренд не им се допаѓа на некои родители
Мајката Никол Робертс предизвикала огромна дебата кога во своето објавено видео забележала дека децата всушност веќе не отвораат роденденски подароци на нивните забави и отворено коментирала дека е лута поради оваа промена во бонтонот на роденденската забава. Очекувала, веројатно, дека многу родители ќе ја поддржат, но тоа не се случило. Покрај тоа, иако таа го објавила своето мислење на „Тик-ток“, во форма на видео, подоцна го отстранила. Имено, многу други родители мислат дека ова е всушност одлична алтернатива за потрадиционалните роденденски забави.
„Ги одведов моите деца на две забави во последниот месец и на двете забави детето не ги отвори своите роденденски подароци“, вели Никол Робертс во видеото, кое во меѓувреме е отстрането. Но, интернетот памети сè.
-Знаете како, одиме на забава, ставаме подарок на голема маса и сите деца велат: „О Боже, што има таму?“ А потоа се реализираат низа активности што се наменети за роденден и потоа одиме дома и никој не отвора ниту еден подарок.
Таа вели дека тоа е всушност еден вид премолчен договор меѓу родителите. Тоа се смета, вели таа, за „невнимателно и безобразно“ од различни причини, кои ги смета за смешни.
„Јас, на пример, сакам кога децата ги отвораат своите подароци. Тие се толку возбудени. Детето што го дало подарокот е возбудено кога ќе види како неговиот пријател го добива подарокот. Сакам да се сеќавам на тие подароци и да размислувам кои од нив би можеле да им се допаднат на моите деца“, продолжила таа, но заклучила: „Веројатно целосно ќе престанеме да отвораме подароци на роденденски забави“.

Нејзиниот син, одредено време пред да го снима видеото, го прославил роденденот и на неговата прослава пред гостите се отворале подароците, а сите деца, како што вели таа, со радост ги гледале сите подароци. За неа, тоа е нешто што никогаш не би го пропуштила, а и не гледа причина зошто треба истото да се пропушти и да се отстрани од агендата на роденденските прослави.
И навистина не можеме да кажеме дека баш се согласуваме со неа. Како прво, подароците не се суштината на родендените – односно барем ние како родители сакаме да постигнеме нашите деца да не гледаат на тоа како на нешто спектакуларно и како тоа да е единственото значење на родендените. Ако организираме свечено отворање на сите подароци пред сите, тогаш некако посакуваното навистина не сме го постигнале.
Второ, на овој начин се ставаат во непријатна положба оние родители кои можеби немаат доволно пари за големи и скапи подароци…И секако не е важно колку е платен подарокот, секако дека не е важно колку е голем или импресивен, но сепак знаеме дека децата се сурови и брутално искрени, па по отворањето на грандиозен подарок може да се случи дури и несоодветна реакција на славеникот заради поскромниот подарок. Тука нема лоша намера, се разбира, но не е пријатно за детето кое донело поскромен подарок, нели?
Трето, дали навистина треба да отворат и да видат сè одеднаш?
Понекогаш шармот лежи во средувањето на подароците и нивното отворање можеби некој друг ден, кога возбудата е помала, кога детето е помалку уморно (поради истата возбуда) и помалку раздразливо. А можеби и за да се спречи детето да отвори подароци кои веќе ги има, кои можеби никогаш нема да ги искористи, кои евентуално би можеле да се заменат…
Тоа може да се направи на поинаков начин
Една мајка имала слично објаснување на она што веќе го споменавме:
„Моите деца ги отвораат подароците кога сме сами затоа што имаат пријатели кои не можат да донесат подарок, а ние не сакаме да ги засрамиме“.
Друга мајка дала уште една важна поента: „Не! Не сакам милион играчки да се отворат и половина да се изгубат пред да заврши забавата“, што има многу смисла, особено во време кога децата често добиваат работи како лего-коцки, за роденден.
Некои мајки имаат многу убави алтернативни предлози: „Ги отвораме подароците откако сите ќе си заминат, а потоа ги сликаме откако детето ќе ги отвори и му ги испраќаме сликите на тој што ги купил со искрена благодарност“, напишала една од нив, додека друга била подиректна: „Ајде да почнеме да размислуваме за парите како за нормален подарок! Побарајте по 10 евра од секое дете како подарок и тогаш роденденското момче ќе може да избере нешто што сака!“
„Ако не го отворат подарокот, го земам со нас кога си заминуваме“, напишала една мајка.
Автор: Наташа Крстичевиќ