Воспитување

„Дали си нормален?“ – како го опишувате своето дете, така и го обликувате

Пред неколку дена бев на еден роденден каде што едно дете направи навистина застрашувачка работа. Неговата мајка веднаш реагираше оддалечувајќи го од ситуацијата со зборовите „дали си ти нормален?“

Понекогаш во предизвикувачки ситуации реагираме така како што не би сакале. Понекогаш викаме, велиме „престани да врескаш“ или избираме нешто трето. Многу е важно да не избираме негативни зборови бидејќи тие може да се внесат во детскиот мозок и да станат дел од сликата што тоа ја создава за себе. Често нè прашуваат „дали е добро бебе?“ Иако прашањето е безопасно, не постои лошо бебе. Не е бебето зло, лошо или немирно. Некои бебиња помалку спијат и малку повеќе плачат, но тоа не ги прави лоши. И додека расте, однесувањето на детето константно се оценува: Срамежливо е? Уф, колку зборува. Тој е страшно непослушен. Невозможен е.

Позитивните или негативните зборови имаат силно влијание врз децата, врз тоа како се доживуваат себеси и каде им е местото. „Јазикот го обликува начинот на кој луѓето размислуваат“, вели когнитивната научничка Лера Бородитски.

„Кога комуницираме, неретко лепиме етикети на нечиј карактер. Ако на детето му велиме дека не е нормално, како очекуваме тоа да размислува позитивно за себе?“

Како и многу други работи – и родителството е под влијание на јазикот, односно комуникацијата. Ако имате срамежливо дете, нема да му помогнете да се отвори така што ќе му велите дека е срамежливо, туку ќе му го потврдите тоа. Ако некој ве праша дали е срамежливо или го забележи тоа наглас пред детето, само кажете: „Не е срамежливо, само сака да размисли пред да каже или да направи нешто.“ Така на детето ќе му порачате дека е личност која размислува, а не која е срамежлива. Негативниот збор го заменувате со позитивен.

Ако детето направи нешто лошо, немојте да му кажете дека е тоа лошо, туку дека тоа што го направило не е убаво. Ако ве удри, наместо: „Престани да ме удираш“, може да кажете „Знам дека си лут, но не ти дозволувам да ме удираш.“ Сте ја признале емоцијата на детето, но притоа сте му укажале на непосакуваното однесување.

Ако детето доживее тантрум во парк или дома, немојте да му кажете дека е неподносливо, непослушно, невоспитано или нешто слично. Не кажувајте ѝ го тоа и на другата личност што е покрај вас.

Негативно: Тој е разгален, па се фрла на под.
Позитивно: Многу му е тешко, но не знае да го артикулира тоа.

Се разбира дека не треба да се толерира секакво однесување, ниту да се биде родител кој се прави како ништо да не се случило.

Што да се направи ако вашето дете удри некое дете?

Ако вашето дете удри некое дете пред вас, немојте да викате: „Дали си нормален“ или „Многу си лош.“ Но не е доволно да се каже ни: „Тоа не е убаво“ и да го оставите да си игра и понатаму, бидејќи детето така ништо не научило освен дека удирањето е во ред. Детето размислува: „Ок, не е убаво, но ситуацијата не се менува ако јас удирам луѓе.“ Спуштете се физички на ниво на детето и кажете нешто како: „Го удри Марко. Беше лут? Сакаше да ти го земе велосипедот? Знам, беше лут и не знаеше што да направиш, па го удри. Марко сега плаче бидејќи го боли. Одиме заедно да му кажеме дека не си сакал да го удриш.“ Важно е кога ќе дојдете дома, да продолжите со лекцијата: „Знаеш ли што му направи денес на Марко? Се сеќаваш дека го удри? Кажи ми што ти беше, што те налути?“, па укажете му на подруго решение. „Што ќе направиш следниот пат кога Марко ќе се обиде да ти го земе велосипедот додека уште го возиш?“

Знам, ќе речете – кој има време и нерви за сето ова. Имаат оние што сакаат да воспитаат среќно и емпатично дете.

Многумина ќе речат дека нивните родители ги одгледувале поинаку и денес ништо не им фали, а се наслушале сè и сешто за тоа како треба да ги воспитуваат своите деца. Навистина ништо не им фали? А таа горчина, тоа осудување и неприфаќање на друго мислење? Зарем општеството навистина е поим за среќа, емпатија и разбирање? Ако сите нас толку добро нè воспитувале, кои се сите овие силни несреќни и бесни луѓе околу нас, вечно незадоволни, а неретко и насилни? Бидете попаметни од старите генерации.

Насилството раѓа насилство, убавиот збор раѓа убави чувства. А таквите чувства не прават среќни личности.

Среќните луѓе не ги тепаат другите луѓе и нежни се кон себе.

Автор: Барбара Сладе Јагодиќ

Извор

Поврзани написи

To top