Вообичаено веруваме дека спермата го одредува полот на детето, во зависност од тоа дали носи Х или Y хромозом. Но, истражување спроведено од научници на Универзитетот „Харвард“ открива корелација помеѓу возраста на мајката и склоноста да роди деца од ист пол.
Според статистиката, шансите да се роди син или ќерка се приближно 50:50, слично како фрлање паричка. Сепак, изгледа дека некои жени имаат предиспозиција да раѓаат само машки или само женски деца.
Сите сме виделе роднини или пријатели кои имаат само ќерки или само синови. Сивен Ванг од Универзитетот „Харвард“ и нејзините колеги сакале да откријат дали тоа е чиста случајност или има некои физиолошки фактори што стојат зад ваквиот образец.
На ниво на цела популација, соодносот меѓу машки и женски новороденчиња е речиси еднаков. Но, Ванг и нејзиниот тим се запрашале дали и мајката има некаква улога во оваа рамнотежа.
За да дознаат повеќе, истражувачите анализирале податоци собрани од над 58.000 мајки во САД, кои претходно учествувале во две одделни истражувања, поврзани со контрацепција и женското здравје. Од тие жени, 61 отсто имале две деца, 30 отсто три, 8 отсто четири, а остатокот имале пет или повеќе деца.
Истражувачите го споредиле полот на децата во однос на осум различни карактеристики на мајките: висина, индекс на телесна маса, раса, боја на коса, крвна група, хронотип (времето од денот кога се најактивни), возраста при првата менструација и возраста при првото раѓање (која варирала од 13 до 48 години).
Тимот открил дека жените што биле постари од 28 години кога првпат родиле, имале 43 отсто шанси понатаму да имаат деца од истиот пол, наспроти 34 отсто кај оние што станале мајки во помлади години.

– Откривме дека повозрасните мајки при првото породување имаат зголемена веројатност да имаат само девојчиња или само момчиња – изјави Ванг. За другите карактеристики што биле разгледани не била утврдена корелација со полот на децата.
Иако не е целосно јасно зошто возраста на мајката може да има ваков ефект, Ванг смета дека тоа се должи на биолошки промени во телото, кои варираат од жена до жена.
Претходни истражувања укажуваат дека менструалниот циклус кај жените започнува во помлада возраст, што може да биде поврзано со зголемени шанси за раѓање на машко дете. Од друга страна, со зголемувањето на возраста, pH-вредноста во вагината може да се намали, што создава поволна средина за преживување на сперматозоиди што носат Х хромозом, со што се зголемува веројатноста за раѓање женско дете.
Сепак, резултатите можеби може да се објаснат и преку социо-економски фактори, смета Џошуа Вајлд од Универзитетот „Оксфорд“. Тој укажува дека жените кои раѓаат по 28-годишна возраст почесто ја планираат големината на своето семејство. На пример, ако сакаат две деца од различен пол, но родат две од ист пол, можеби ќе одлучат да не продолжат со раѓање. Од друга страна, помладите мајки кои посакуваат дете од спротивен пол, можеби ќе бидат поподготвени да родат уште едно.