Воспитување

Дали секогаш треба да ги терате децата да ги средуваат своите играчки

Кога времето за игра треба да заврши, тоа не значи дека децата секогаш треба да се чистат по себе. Прочитајте зошто е добро родителите понекогаш да ги остават своите деца да ги остават играчките и уметничките дела што ќе ги создадат.

Замислете го ова: ако сте фокусирани на нешто што многу ви значи (обврски на работа, пишување, плетење, табели, сметки, извршување задолженија итн.) и сте при крај со работата – како би се чувствувале ако некој наеднаш ви го исклучи лаптопот, ви го земе пенкалото или иглата за плетење од рака и ви рече да престанете со тоа што го правите и да започнете со нешто сосема ново? Дали би биле фрустрирани? Би чувствувале недостиг на почит? Дали би се чувствувале како да немате волја за ништо? Веројатно да, па и вашето дете не се разликува од вас.

Важноста на креативноста и детската игра

Марија Монтесори, позната докторка по психијатрија и педагог, ја истакнала важноста од почитување на детето, неговата слобода на самоизразување и воспитување, како и образование, преку сетилата и движењето. Таа сметала дека за доброто воспитување на детето, важни се внимателно подготвената средина и активностите што ги развиваат сите детски способности, креативноста, постојаното истражување, стекнувањето нови знаења и приспособувањето кон промените.

Таа се водела од мислата дека играта ја претставува работата во детството и колку е важно родителите да го прифатат и почитуваат овој факт. Детето ја разбира својата игра како работа. Што и да создава, гради, црта или моделира, во кој свет или улога се наоѓа – тоа му е важно на детето. Нивната работа е маестрална и важна за нив, на ист начин како што вам ви е важен проектот на работа, цвеќето што го одгледувате, плетењето или нешто друго. Уште повеќе, нивната работа е уште поважна за нив бидејќи нивната „работа“ ги претставува новостекнатите вештини и способности, без разлика дали се работи за составување шини првпат, решавање загатка или откривање како функционира една игра.

И кога родителите скокаат со реченица: „Време е да ги оставиме играчките“ и сакаат да објават дека играта е завршена, тие всушност им кажуваат на децата „да го напуштат бродот“ каде што можеби само што почнале да ги држат работите под контрола. На овој начин родителите ја прекинуваат креативноста и го инхибираат детето во неговата активност, што е особено тешко за малите деца чија главна амбиција во животот е да чувствуваат контрола во нешто што го прават и тоа ги прави среќни. Се разбира, времето за играње некогаш мора да заврши, тоа е неизбежно, но исто така неизбежно е децата да не мора секогаш да чистат зад себе. Понекогаш може само да им дозволиме на децата да ги остават своите играчки и работи зад себе. Кога го правиме ова, кога им дозволуваме на децата да ја зачуваат својата „работа“ – испраќаме силна порака за почит и благодарност за времето и трудот што го вложиле во нивниот проект.

Што да му кажете на детето?

Ако чувствувате неподготвеност или отпор на детето да ги расчисти играчките, признајте ја важноста на неговата работа велејќи му дека не треба да чисти зад себе. Обидете се да користите реченици како овие:

„Не мора да средуваш! Зачувај го сработеното, нека остане на своето место“.

„Ајде да го напишеме твоето име на парче хартија и да го ставиме до сработениот проект, за никој друг да не го допира“.

„Не мора да расчистуваш, но мораме да ги преместиме работите. Ајде заедно да најдеме безбедно место за да го ставиме сработеното“.

„Може да ги оставиш играчките недопрени, но мора да направиме пауза за да можеш потоа да се вратиш на својот проект/игра…“

„Работеше навистина напорно, треба да го запомниме ова. Ајде да го сликаме твоето дело пред да исчистиме!“

„Леле! Ова е прекрасно! Ајде да најдеме одлично место да го ставиме за да можеме секогаш да го гледаме.”

„Мораме да ја завршиме играта засега, но дали би сакал/а да ја земеш играчката/сработеното со тебе?“

Родителите кои се способни да толерираат и да преговараат околу расчистувањето на играчките испраќаат многу пораки за основните вештини и однесувања што би требало да ги усвојат нашите деца, како што се:

– способноста да се биде флексибилен

-прифаќање дека работите нема секогаш да одат како што замислуваме

-компромис

-почит и благодарност

-почитување на времето и вложениот труд.

И уште една од најважните работи – ваквото воспитување им покажува на децата дека не мора секогаш да ги имаме работите под контрола. Не мора секогаш да бидеме оние што се најсериозни и не знаат да се забавуваат. Можеме и да попуштиме, да бидеме спонтани и опуштени – што понекогаш е многу тешко за повеќето родители.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top