Иако емоционалната исцрпеност е карактеристична емоционална состојба за возрасните како резултат на продолжено изложување на стрес, сепак, таа може да се јави и кај децата, каде што одредени типови личности се особено подложни. Еве некои особености што можат да го зголемат ризикот од појава на оваа психолошка состојба:
Деца перфекционисти, кои поставуваат екстремно високи стандарди за себе и за другите. Кога работите не одат совршено, тие чувствуваат голем притисок и стрес, што доведува до долготрајна исцрпеност.
Преплавувачка емпатија кај деца со високо ниво на емпатија кои поради неизградени граници честопати ги „прифаќаат“ емоциите и стресот на другите, што може да ги исцрпи.
Самокритичност кај деца кои постојано се преиспитуваат себеси и се обвинуваат за сè лошо што се случува и честопати чувствуваат дека не се доволно добри. Овој постојан притисок и внатрешна критика можат брзо да доведат до емоционална исцрпеност.

Деца угодувачи кои сакаат да им угодуваат на другите и тешко се справуваат со отфрлање, па затоа имаат потреба постојано да им угодуваат на другите. Честопати преземаат премногу одговорности. Како што се натрупуваат обврските, им станува сè потешко да се справат со стресот и барањата.
Високосензитивни деца кои се впрочем високо чувствителни деца и интензивно ги доживуваат надворешните и внатрешните стимули, без разлика дали станува збор за светлина, бучава или емоции на други луѓе. Оваа чувствителност често води до преоптоварување и, на крајот, емоционална исцрпеност.
Справувањето со честа емоционална исцрпеност бара работа во развојот и препознавање на сопствените граници, како и зајакнување на емоционална отпорност кај децата.
Автор: м-р психолог Христина Стефановска