Дали плачете кога пишувате нешто? Дали вашите содржини на „Јутјуб“ повеќе ги следат помалите или поголемите деца? Дали повеќе пишувате фантастични и реални приказни? Дали некогаш кога сте пишувале некоја книга сте почнале да плачете?

Ова се дел од прашањата што љубопитни основци денеска ѝ ги поставуваа на писателката Билјана Црвенковска на средбата што се одржа во книжарницата „ТРИ“ во ГТЦ. Ученици од петто одделение од ОУ „Димитар Миладинов“ од Скопје, но и средношколки од гимназијата „Никола Карев“.

Црвенковска, која е автор на приказните од „Светот на Биби“, им го раскажа својот пат до писателската професија.

– Ја имам напишано сликовницата „Светот на Биби“, сценарија за детски серии. Покрај тоа што пишувам, држам и часови за креативно пишување и и покрај тоа што пишуваме, многу се смееме, правиме интересни работи, играме креативни игри. Зошто е добро да се чита и да се пишува? Правилото на секој писател е дека мора многу да чита за да може да пишува убаво. Да се знае да се пишува убаво не важно за да се биде сценарист или писател, туку за секоја професија е многу важно да читате зашто од тоа може да ви зависи иднината – им порача Црвенковска.

Таа им сподели дека во моментов живее само од пишување книги. Но не било секогаш така.
– Имав повеќе професии што беа поврзани со пишувањето. Бев новинар, копирајтер. Ако сакате да бидете програмери, банкари, економисти, програмери на игри, што и да сакате да работите во иднина, мора многу добро да знаете да се изразувате и да пишувате. Пишувањето и читањето се многу важна работа во животот – им порача авторката.
Таа им сподели дека нејзин омилен автор е Нил Гејман, чии книги од жанрот фантастика ѝ се најубави.



912

X