Се зголемува интересот кај жените да користат лекови од групата ГЛП-1 како семаглутид за слабеење по породувањето и додека дојат. Лекарите објаснуваат дали овие лекови се безбедни за бебето.
Бременост и семаглутид, активната состојка во ГЛП-1 лекови како „оземпик“ за дијабетес тип 2 и „вегови“ за слабеење не се комбинираат. Но, како стојат работите додека доите?
Жените треба да престанат со употреба на „оземпик“ и „вегови“ најмалку два месеца пред да планираат бременост за да се исчисти лекот од телото, според упатствата за употреба.
Ако жената открие дека е бремена додека користи „вегови“, треба да престане со лекот бидејќи тој може да му наштети на плодот, наведува производителот. „Оземпик“ треба да се користи за време на бременост само ако потенцијалната корист го оправдува потенцијалниот ризик за плодот.
Но, кога станува збор за доење, ризикот, ако воопшто постои, за мајката или бебето додека користи еден од овие лекови е помалку познат.
Истовремено, постои „значителен интерес“ за продолжување или започнување на семаглутид кај жени што штотуку се породиле, вели д-р Фатима Коди Стенфорд, лекар за медицина на дебелина во болницата „Масачусетс генерал хоспитал“ во Бостон.

– Голем дел од овие пациенти ги користеле овие лекови пред да забременат. Тие често се соочуваат со вишок килограми за време на бременоста и доживуваат значителна анксиозност околу зголемувањето на телесната тежина – вели Стенфорд.
Институтот за ризик кај доенчиња во Тексас, кој дава насоки за безбедност на лекови за време на доење, исто така пријавува огромен интерес од доилки за користење семаглутид за контрола на телесната тежина. Бројот на повици за лекот се зголемил за над 500 % од 2021 до 2024 година.
Иако доењето може да им помогне на некои да ослабат, тоа не важи за секого. Ако сте заинтересирани за употреба на семаглутид додека доите, еве што треба да знаете.
Дали семаглутидот е безбеден за време на доењето?
Семаглутид е лек на рецепт кој имитира ГЛП-1, хормон што телото го произведува по јадење и помага во контролата на апетитот и шеќерот во крвта. Според сегашните истражувања, не е јасно дали „вегови“ или „оземпик“ се пренесуваат во мајчиното млеко и не постојат податоци за ефектите врз доенчето или производството на млеко, според упатствата за употреба.
Пред употреба на „вегови“ или „оземпик“, кажете му на вашиот лекар доколку доите или планирате да доите, советуваат упатствата.
„Вегови“ и „оземпик“ се даваат преку инјекција. Семаглутид во форма на таблети, моментално достапен како „рибелсус“ за дијабетес тип 2, не се препорачува за време на доење.
За Стенфорд, одговорот на прашањето дали е безбедно мајката да дои додека користи семаглутид во која било форма или кој било друг ГЛП-1 лек е „апсолутно не“.
– Едноставно не правете го тоа. Не постојат податоци што би може да се случи со новороденчето ако овие лекови се пренесат преку млекото, но мислам дека не е безбедно затоа што овие лекови не се тестирани кај толку млада популација – вели Стенфорд.
Дали семаглутидот се пренесува во мајчиното млеко?
Круц е коавторка на истражување од 2024 година што анализирало мајчино млеко од осум жени кои земале семаглутид додека доеле.
Не бил детектиран семаглутид во ниту еден примерок од млекото. Наодите сугерираат дека ризикот за бебето да биде изложено на семаглутид преку млекото е веројатно минимален, а стравовите за изложеност на бебето на семаглутид веројатно се преценети, пишуваат авторите.
Дали семаглутид влијае врз производството на мајчино млеко?
Ова е прашање на кое нема одговор, вели Круц. Ако жена која дои има намален апетит, јаде помалку и слабее поради семаглутид, Круц се прашува како тоа би можело да влијае врз количината на млеко што телото на мајката го произведува.