Воспитување

Дали несоцијализираните бебиња родени во 2020 ќе бидат во ред?

На почетокот од 2020 година мојата новородена ќерка ја запозна својата баба. Веднаш посегнав по камерата да направам фотографија за да го овековечам тој момент. Но, немаше фотографија. Мојата ќерка врескаше и врескаше како да сака да каже: „Која е оваа непозната жена!“ Тоа беше ново за мене. Мојата постара ќерка, која сега има 3 години, беше среќна кога ја земаше в раце кој било од семејството, во кое било време додека беше бебе. По неколку моменти, мајка ми и јас сфативме дека мојата ќерка, која беше родена неколку недели пред да почне пандемијата, не беше веднаш изложена на своето поблиско семејство. Понатаму, таа едвај знаеше дека постои свет надвор. Се прашувавме дали можеби затоа е вознемирена околу новите лица?


Во месеците што следуваа почнав да слушам слични грижи од страна на други нови мајки и татковци погодени од карантините. Некои се грижеа дека децата се премногу анксиозни околу нови луѓе и средини, додека други велеа дека на децата очајно им е потребно внимание и социјална интеракција. Поентата е дека колективно сме загрижени дека пандемијата негативно влијае врз социјалниот развој на бебињата родени во време на Ковид-19, бидејќи нивните можности за социјална интеракција се ограничени. Дали тоа ќе се продлабочува? На таа тема зборува психологот Шери Мадиган, експерт за детски развој и професор по психологија на Универзитетот во Калгари, Канада.


Пред сè, дали треба да бидеме загрижени за социјалните вештини на нашите деца?


– Вистина е дека сè уште не ги знаеме долгорочните ефекти, но не – не би требало да бидеме премногу загрижени. Учењето се случува во контекст на односите. За бебињата и дури и децата на 3 години, најважна социјална интеракција е онаа што ја имаат со родителите и старателите – тука најмногу учат за социјалните вештини. Родителите моделираат како тие да се вклучат во социјални интеракции. Па, 6-месечно бебе нема потреба да стапи во интеракција со друго бебе за да научи да се социјализира – ќе ги учи тие вештини преку интеракцијата со родителите и браќата и сестрите.


Како да се осигуриме дека постапуваме добро во однос на учењето на нашите деца за социјална интеракција, додека сме дома?

– Најдобриот начин е едноставно да ги следите сигналите на бебето. Интеракциите помеѓу бебињата и нивните родители треба да бидат „тенис-меч со мимики“. Кога бебињата ќе „сервираат“ знак, тоа е како тениското топче да ја поминува мрежата. Улогата на родителот е да го перципира знакот и да го врати сервисот кон детето преку контакт со очите, зборови или гестови.

Што мислите за виртуелните опции за групи за играње, на пример, музички часови за бебиња онлајн: Или „мама и јас“ јога на „Зум“? Дали е воопшто вредно за таа возраст?

– Има помалку директна придобивка од виртуелните часови за мали деца. Но, овие групи може да бидат од голема помош за родителите, за тие да се чувствуваат поврзани, а тоа е навистина важно, особено во вакви ситуации.

Дали бебињата може да имаат квалитетни интеракции виртуелно: На пример, зборување со баба на „Фејстајм“ или покажување на играчките на роднините преку видео на „Снепчет“?

– Важно е за децата (и за нивните родители) да останат поврзани со семејството и пријателите. Сепак, истражувањата покажуваат дека децата може да имаат тешкотии при примената на концептите научени преку дводимензионални екрани во својот реален, тродимензионален живот. Клучот е во одржувањето на тие интеракции, но да се побара од членовите на семејството да ги следат децата – да повторуваат звуци, да им зборуваат, да им читаат, а потоа да зборуваат за приказните итн.

Дали тоа што ги гледаат возрасните како постојано носат маски ќе има влијание врз нивната способност да читаат фацијални експресии и да научат емоционални знаци?


– Со маските децата ќе пропуштат некои гестови, на пример, насмевката. Но, сепак, можеме да одговориме на нивните знаци преку зборови, контакт со очите и ентузијазам. Можеме да ги следиме нивните знаци внимателно и соодветно да одговараме.


Кога треба родителите да се загрижат за недостиг на социјални вештини кај децата?


– До 14 месеци децата треба веќе да се вклучат во таканаречено споделено внимание. Тоа значи суптилни знаци за социјална интеракција, на пример, покажување или гледање кон нешто кон кое покажуваат и родителите. Тоа е еден начин на кој децата се вклучуваат со другите во споделувањето искуства. Ако до 15 месеци детето не го покажува ова, тогаш препорачувам да се побара поддршка и насока од семејниот лекар.

Кога бебињата и малите деца почнуваат да се вклучуваат во интеракција со други деца?


– Повеќето деца под 3 години ќе играат покрај друго дете и може да се заинтересираат за она што го прави, но нивната игра не е интерактивна, односно секое од децата е посветено делумно на сопствените играчки. Сепак, и таквиот начин на игра им дозволува на децата да учат за социјална интеракција. По 3 години почнуваат повеќе да стапуваат во интеракција со своите врсници.

Има нешто поради кое сте загрижени за бебињата што не искусија нормални социјални услови во 2020?


-Мислам дека родителите поминуваат низ тежок период сега. Се соочуваат со многу нешта и достапна им е помала поддршка поради рестрикциите. Тоа е мојата најголема грижа.


Кои механизми за справување им ги препорачувате на родителите?

– Прво, побарајте од семејството и пријателите почесто да ве проверуваат. Поврзете се со семејниот лекар и барајте поддршка. Второ, фокусирајте се на она што сè уште го имате под контрола – „сервирање и враќање“ на интеракцијата со вашето дете. На крајот, бидете понежни кон себе со оглед на тешките околности низ кои поминувате. Штом се грижите или размислувате за социјалните вештини на вашето дете, тоа значи дека веќе се приспособувате на нивните потреби.

Автор: Дилејни Сиферлинг

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top