Воспитување

Дали некогаш сте се запрашале: Зошто децата никогаш не ме слушаат?

Пред да станат родители, многумина замислуваат дека нема да мора да бидат строги, ниту да ги казнуваат своите деца како што тоа го правеле нивните родители, бидејќи детето ќе ја почувствува родителската љубов и нема да има потреба да се спротивставува.

Тоа е утопистичка мисла со која многу често се соочуваат дури и луѓето на кои децата и воспитувањето им се предмет на стручно занимање и проучување. А еден од проблемите се појавува кога вашите малечки деца, без никаква видлива причина, ќе почнат да ви се спротивставуваат.

Од каде произлегува потребата да не нè послушаат кога знаат дека безгранично ги сакаме, наивно се прашува речиси секој родител, загрижен и замислен поради тоа каде погрешил. Збунетоста е уште поголема кога тоа ќе им се случи и на експертите кои ги применуваат сите воспитни методи што им ги советуваат и на другите. Од каде е потребата на децата да одбијат да ја однесат валканата чинија во кујната, да го забрзаат утринското спремање, да одбијат да земат чадор, да ја средат својата соба… дури и ако сте истрајни во барањето тоа да го завршат и се заканите со казна?

Удирање со тенки стапчиња, клечење на пченка, шлаканици… и денес нè згрозуваат и одбиваме да прифатиме дека тоа е единствениот начин да добиеме послушност од децата

Џим Тејлор, професор по психологија на Универзитетот во Сан Франциско и автор на повеќе книги со совети за помош на родителите при воспитувањето, и самиот признава дека неговите две ќерки ги довеле под знак прашалник советите што им ги дели на другите. Тоа го навело да ги спореди воспитните навики на нашите предци со денешните и да забележи дека некогаш децата биле мирни покрај родителите и молчеле додека некој не ги прашал нешто. А основната причина за таквата разлика е – стравот.

Казни за непослушност какви што некогаш издржувале децата и денес предизвикуваат морници. Удирање со тенки стапчиња, клечење на пченка, шлаканици и сите методи опишани во „Оливер Твист“ и денес нè згрозуваат и одбиваме да прифатиме дека тоа е единствениот начин да добиеме послушност од децата. Тејлор напоменува дека кога го спознал тоа, се нашол во ситуација да посака да се плашат малку од него и неговите ќерки. Но, потоа малку внимателно размислил за тоа. Општо е познато дека денес, барем во развиениот свет, децата не се плашат од родителите. Кога барем малку би се плашеле, на родителите би им се олеснила воспитната задача бидејќи стравот ги присилува на послушност. Денешните деца знаат дека нема да им се случи ништо пострашно од испраќање во соба, скратување сладолед, забрана за некое излегување…

Стравот не гради здрав и долготраен однос со обострано уважување

Ако децата ни се плашат, ќе бидат попослушни, мирни и побрзо би ги завршувале своите обврски, па семејството целосно би било поштедено од стрес. Но, стравот не гради здрав и долготраен однос со обострано уважување. Стравот е ефективен на краткорочен план, за брзо постигнување  резултати, но за повеќето денешни родители таа цена е превисока. Растењето во страв во детството предизвикува стрес, несигурност, немир, тежина и може да предизвика низа психички и емоционални проблеми кај детето подоцна во животот, а често тој страв се пренесува и на следната генерација.

Најважно е родителите да се договорат, истакнува д-р Тејлор, како доследно да се справуваат со детската тврдоглавост и да поминат повремени семејни бури за децата да пораснат во среќни луѓе.

Па кога децата ќе ве налутат и ќе посакате барем малку да се плашат од вас, сетете се колку ги сакате и како без двоумење би ги заштитиле од каква било опасност која би можела да им ја уништи иднината. Па направете го тоа докрај бидејќи стравот е баш таква опасност.

Автор: Снежана Бабиќ Вишниќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top