Ординациите се испразнија, но телефоните се вжештија. Педијатрите велат дека поради зголемената внимателност, периодов има многу малку болни дечиња, но има многу исплашени родители

Прашања за благи настинки, течење на нос, зголемена фебрилност, вакцинирање, исхраната на бебињата, за подобрување на имунитетот се најчестите што им се упатуваат на педијатрите деновиве откако е прогласена пандемијата на коронавирусот. Докторите велат дека поради зголемената внимателност и превентивните мерки за коронавирусот, периодов има многу малку болни дечиња. Значи држењето дистанца и внимавањето на исхраната придонесоа за поголем број здрави деца.

Повеќе здрави деца

Педијатарот Радица Маџоска е 24 часа достапна за своите пациенти откако е прогласена вонредна состојба. Вели дека најчесто ѝ се јавуваа родителите доколку децата имаат благи настинки, доколу им тече нос, имаат зголемена фебрилност, т.е. температура. Бараат совети околу исхраната за своите пет или шестмесечни бебиња.

– Морам да потенцирам дека периодов немаме многу бронхитиси, гнојни ангини, или сериозно болни, а тоа се должи на тоа што децата се заштитени дома, со родителите и се внимава на сè, особено на исхраната, хигиената и на сите препораки за превенција од вирусот. Така што внимателноста резултира со намалување на бројот на болни деца. Многу од родителите се плашат да дојдат во ординација, не сакаат да ризикуваат, да не се заразат, иако ние работиме по препораките на Министерството за здравство, работиме со закажување, со најава од родителите и сме 24 часа достапни на телефон, даваме совети, препораки, сè што треба да им излеземе во пресрет на родителите и нивните деца – ни сподели д-р Маџоска.

Д-р Радица Маџоска

Прашањата за вакцинација се најчести

Таа вели дека нема паника кај нејзините пациенти, сите ги следат препораките, се јавуваат само по потреба, доаѓаат само ако е неопходно и ако мора да се прегледа детето.

– Ако видиме дека нешто е сериозно, и ден-два не оди на подобро, закажуваме термин и правиме преглед. Хронично болните исто така се јавуваат, редовно им издаваме рецепти на децата на кои им е потребна терапија. Дури им препишуваме терапија за три, пет месеци со цел да ги избегнат доаѓањата во амбуланта. Баравме да се воведе електронски рецепт, ама не успеавме да издејствуваме. Тоа ќе беше најдобро за да немаме контакт, ама и вака брзо завршуваме работа. Се јавуваат родителите, ние го подготвуваме рецептот и доаѓаат да си го земат. Брза и лесна е целата постапка. Имаме многу раѓања периодов. Па бидејќи не ги држат долго родилките на Гинекологија или Клиника, ги упатуваат за сите прашања да се јават кај нас, педијатрите. Па се слушаме со мајките, комуницираме и доаѓаат само ако бебето прима терапија, инаку им кажуваме да се чуваат дома – вели докторката.

Педијатрите се трудат што поедноставно да ги решаваат проблемите.
– Ако станува збор за паднато папоче или црвенило, ги советуваме да се обратат до патронажните сестри за да не доаѓаат во ординација, туку сестрите да ги посетат – објаснува докторката.

Она што многу често ги засега нејзините пациенти, односно родителите, е дали додека трае пандемијава треба да се одложат вакцините.

– Советот на педијатрите е да не се одложуваат вакцините затоа што не знаеме колку ќе трае оваа состојба. Може да се одложи до еден месец, но повеќе не. Им препорачуваме ако детето е во ред и ако во семејството нема болни и настинати,  да го вакцинираат. Вакциналните пунктови работат од 13 до 15 часот со закажување, има посебен влез за здрави деца. Тие дечиња што немале проблем со крвната слика ги упатуваме директно во пунктот за вакцинација, и не треба повторно да прават крвна слика. А на оние што имале анемија или некој друг проблем, сепак мора да им се направи прво крвна слика за да се провери дали е сè во ред. Така што нашиот совет е да не се одложуваат вакцините затоа што така може сè да се наруши, а тие се битни за имунитетот на децата – категорична е д-р Маџоска.

Настинка и Ковид-19

И педијатарот Драгана Емел ни изјави дека периодов има многу јавувања и ја бараат родителите од разни причини.

Д-р Драгана Емел

– Се јавуваат за напредокот на нивното новороденче или доенче бидејќи прегледите за здрави деца во овој период се одложени, консултациите во врска со растот и развојот ги извршуваме телефонски. Потоа ме бараат за настинки, за покачена температура, бараат совет дали и кога треба да дојдат на преглед, ги советуваме што да направат пред да дојдат на лекар – вели д-р Емел.

Родителите се плашат дека секоја настинка е потенцијална Ковид-19 инфекција.

– Така по информативниот разговор се обидуваме да им ја намалиме паниката и да го насочиме лекувањето како што треба. Мојот апел за родителите е согласно  препораките за овој период од СЗО и од нашето Министерство за здравство – мијте ги рацете, одржувајте ја дистанцата, внимавајте со количките и како ги дезинфицирате, ограничете ги посетите, користете заштитна опрема. И најважно за овој период – седете дома – вели д-р Емел.



912

X