Замислете го ова: вашиот ден започнува во 5 часот наутро кога вашето дете ќе се разбуди со температура. Едвај сте спиеле затоа што вашето бебе било будно цела ноќ со болки поради никнувањето на забите. Вашето болно дете не може да оди во градинка, но не можете да се јавите на работа дека нема да одите затоа што сте преплавени од обврски. Двете деца се до вас по цел ден, додека вие се обидувате да не се удавите во безбројните е-пораки, состаноците и вашата листа со задачи која е долга неколку километри. Вашиот партнер се враќа од работа и кажува дека заборавил да оди да купи нешто зготвено за брза вечера. Вие сте на работ да заплачете. Што правите следно?

-Се извинувате и насамо правите вежби за дишење.

-Му велите на вашиот партнер дека треба да одите на прошетка сами, за да ја разбистрите главата.

-Си нарачувате храна и си правите топла бања веднаш штом децата ќе си легнат.

-Веднаш си полните една чаша вино.

Ако го применувате последното, не сте сами. Пиењето поради стрес е брз, лесен начин да се справите со хаосот на родителството и да бидеме реални: мајките и винската култура одат рака под рака. Многу мајки немаат време за вежбање, медитација или дури и да се почестат со капење или други чинови кои подразбираат грижа за себе, а алкохолот ослободува допамин. Исто така, лесно е достапен, па често станува „мал помошник на мајките“.

Пиењето поради стрес е реално

Но, дали мајките пијат премногу? „Атлантик“ неодамна објави статија за поделбата на половите кога станува збор за пиењето поради стрес, а според студиите од 2019 година, „жените генерално имаат поголема веројатност да пијат за да го регулираат негативниот ефект и реактивноста на стресот“. „Хартворд хелткер“ објави студија во 2020 година според која жените го зголемиле прекумерното пиење (четири или повеќе пијалаци на ден) за 41% во текот на првата година од пандемијата, наспроти 7% кај мажите. Истата студија покажала дека консумацијата на алкохол се зголемила за 14% кај луѓето над 30 години, што е демографска возраст која има деца во домот.

Според тие статистики, сите знаци укажуваат на тоа дека пиењето поради стрес кај мајките е и тоа како застапено: сепак, истражувањето на „Модерли“ за состојбата на мајчинството во 2023 година дава поинаква слика. Од речиси 10.000 учесници, само 9% од испитаниците рекле дека ја зголемиле својата навика за пиење во изминатата година, додека 28% всушност ја намалиле потрошувачката на алкохол (23% рекле дека прашањето за нив не важи затоа што не пијат алкохол).

Освен што е брз лек за ослободување од стресот, алкохолот стана општествено прифатлив облик на грижа за себе. Да се биде „винска мајка“ се смета за смешно или симпатично, или едноставно логично, благодарение на социјалните мрежи кои често промовираат таканаречена винска култура меѓу мајките.

Одмерување на ризиците

Студија од 2023 година покажува дека смртните случаи поврзани со алкохол се зголемуваат побрзо кај жените отколку кај мажите. Додека мажите сè уште имаат поголема веројатност да починат од компликации поврзани со алкохол, јазот се намалил. Помеѓу 2018 и 2020 година годишните смртни случаи поврзани со алкохол се зголемиле за 12,5% кај мажите и 14,7% кај жените. Истражувањата, исто така, го поврзуваат алкохолот со неколку видови рак, вклучително и зголемен ризик од појава на рак на дојка, бидејќи го зголемува нивото на естроген и другите хормони поврзани со болеста, а исто така ја оштетува ДНК во клетките.

Желбата да се намали пиењето, или да се прекине, може да биде огромен предизвик. За некои, оваа одлука значи признавање дека имаат проблем. За други, тоа може да го промени начинот на кој тие се социјализираат. Трезната култура станува сè попопуларна, што значи дека индустријата за безалкохолни пијалаци цвета со појава на многу интересни алтернативи. Но, што е со ослободувањето на допаминот преку консумацијата на алкохолот? Иако можеби нема да дојде до брзо олеснување, сепак има многу долгорочни придобивки од избегнувањето на консумацијата на алкохол, како што се подобрување на спиењето и намалена општа анксиозност, што може да помогне во целокупното ментално здравје.

Заклучок: Намалувањето на консумацијата на алкохолот или трезнењето е личен избор. Правете го она што вам ви одговара најмногу, мајки. Сè додека внимавате на вашето ментално и физичко здравје, како и на вашите деца, важно е да најдете метод што ќе ви помогне да се справите со стресот – затоа што додека не добиеме вистински, конкретни начини да го олесниме нашиот ментален товар, стресот во мајчинството нема да замине никаде.

Автор: Катрина Натрес

Извор



912

X