Веќе е познато дека пандемијата го продлабочи проблемот за упис на деца во градинките што постои со децении. Битки за место плус, па уште и бркање врски за упис на дете е проблем кој постојано ги мачи родителите

Дневните статистики на Министерството за здравство покажуваат дека бројките на новозаразени се намалуваат. Состојбата со ковид-19 полека се нормализира и во градинките.
Надлежните од овие установи низ земјава велат дека состојбата со пандемијата веќе е стабилизирана зашто веќе немаат ниту позитивно дете ниту позитивен вработен.
Веќе е познато дека пандемијата го продлабочи проблемот за упис на деца во градинките што постои со децении. Битки за место плус, па уште и бркање врски за упис на дете е проблем кој постојано ги мачи родителите.

Дали надлежните ќе направат промена во протоколите за установите каде што се згрижуваат и воспитуваат децата од предучилишна возраст? Дали навистина е потребно да се зголеми бројот на децата по групите?

Владата на 1 септември минатата година го дополни протоколот за бројот на децата по групи во градинките, со што се зголеми од 21 на 25 деца. Во соопштението се наведува дека ова важи само за големите групи, а не и за групите од 0 до 2 години. Согласно протоколот, во јасли се згрижуваат максимум 12 деца.

Епидемиолозите велат дека нема ризик ако се зголеми бројот на деца во групите во детските градинки.

Состојбата со ковид е стабилна, но листите на чекање сè уште се долги

Елена Устамитова, директорка на градинката „Буба Мара“ во Општина Аеродром, вели дека веќе десетина дена состојбата со ковид во оваа установа е стабилна.

– Децата почнаа редовно да нè посетуваат. Исполнети се групите. Можеби имаме потреба од зголемување на групите, но таа одлука ја носат други инстанции – заклучува таа.

Александра Јелиќ-Исаиловска, директорка на градинката „Срничка“ во скопската населба Аеродром, вели дека поголемиот дел од децата, како и од вработените веќе прележале ковид, па состојбата се враќа во нормала.

– Во дел од групите има полн број на деца. Веќе поминува стравот од ковид-19, па родителите ги носат децата во градинка. Аеродром е голем општина, имаме околу 600 деца на листата на чекање. Засега протоколите се тие и не можеме да правиме отстапка за упис на повеќе деца – додава таа.

Снежана Тодоровска, директорка на градинката „Мајски цвет“ во Битола, посочува дека гледаат да им угодат на сите родители, со оглед дека се во исчекување да заврши градбата на две градинки.

– Имаме листа на чекање. Но засега немаме поголем проблем за упис на нови деца. Се надеваме дека едната градинка ќе биде готова до септември. Родителите се трпеливи -додава таа.

Се следат препораките на Комисијата за заразни болести

Од Министерството за труд и социјална политика (МТСП), како и досега, доследно ги почитуваат одлуките на Комисијата за заразни болести како стручно и советодавно тело за справување со ковид-19.
Правилата за работа на градинките налагаат редовно да се чистат и дезинфицираат сите простории во објектите, како и целата опрема и инвентарот (во занималните, кујната, магацините, пералниците, собата за изолација, административните простори и другите простории во објектите). Редовно се проветрува, вработените носат маски и ракавици, се мери температура.



912

X