Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ ја почнаа кампањата „На секое дете му треба семејство“ за да ги поттикнат граѓаните да станат згрижувачи на деца без родителска грижа и да им овозможат да растат во безбедно и грижливо семејно опкружување исполнето со љубов. Кампањата треба да мобилизира поддршка за решенија за грижа во семејно опкружување на ниво на заедницата, наспроти институционално згрижување.
Почетокот на кампањата го означија млади луѓе со флеш моб пеејќи ја познатата песна „Галебе мој тажен“ – песна која е дел од видеото на кампањата – и испратија едноставна и силна порака „Дали имате љубов за давање?“
– На секое дете му е потребно семејство. Слоганот на оваа кампања најдобро го опишува процесот на деинституционализација. Термин кој е сложен и тежок за разбирање, но означува реформа која е крајно хумана и насушно потребна во нашата земја – рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.


Преку деинституционализацијата до 2020 година сите деца на возраст до 3 години ќе бидат извлечени од институциите и сместени во мали групни домови, згрижувачки семејства или друга форма на соодветно сместување, додаде таа.


Во моментот над двесте деца – бебиња помали од три години, деца со попреченост и деца што се одделени од своите родители поради злоупотреба или насилство – се згрижени во големи институции во земјава.
– Кога грижата на семејството ја нема, на детето му препукнува срцето и му штети на растот и на развојот затоа што без оглед колку добронамерен и обучен е персоналот и без оглед колку е добро опремена големата институција, таа никогаш не може да ги замени љубовта и поддршката на семејната средина – рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.


Тој истакна дека со кампањата сакаат да се мобилизира доволен број на згрижувачки семејства кои имаат љубов за давање на децата што во моментот се сместени во големи институции и да се обезбеди создавање широка мрежа на семејства што се подготвени да ги отворат своите срца и домови за децата на кои може да им треба згрижување во иднина.
Кампањата е изработена да ги одбележи Светскиот ден на семејството и Националниот ден на згрижувачки семејства. Ќе ѝ се приклучат над педесет познати лица и ќе ја дадат поддршката преку своите профили на социјалните медиуми.



912

X