Во работата со децата и нивните родители често можат да се сретнат пренатрупани распореди, а родителите, и самите преоптоварени со сопствените приватни и работни обврски, често едвај успеваат да ги организираат сите семејни активности. Што сакаме да постигнеме со тоа? Треба да најдеме рамнотежа која на сите ќе ни го олесни животот!
Денес на родителите им се достапни многу информации и совети како најдобро да го воспитуваат своето дете, како да ја развиваат неговата самодоверба, координираност, емотивната интелигенција… Паралелно со тоа, денес повеќе од кога било се нудат можности за запишување на децата на разни воннаставни и воншколски активности. Освен тоа, постојат и посебни програми во градинките и училиштата, паралелно со високите барања на училишниот систем. Родителите имаат најдобра намера и желба на своите деца да им обезбедат најдобри услови и можности за успех, поради што децата од најмала возраст се вклучуваат во неколку активности. Во праксата и во работата со деца често може да се видат пренатрупани распореди, а родителите, и самите преоптоварени со сопствените приватни и деловни обврски, често едвај успеваат да ги организираат сите семејни активности. Родителите многу често наведуваат дека децата им се запишани на повеќе воншколски активности во текот на неделата и дека распоредот им е прилично пополнет. Иако е многу корисно децата да се занимаваат со танцување, музика, спорт и да учат јазици, исто така е важно и времето во кое спонтано, самите или со своите родители и пријатели, ќе се дружат и ќе учествуваат во едноставна и слободна игра. Токму таа е многу важна за нивниот емоционален, когнитивен и социјален развој.
Пополнувањето на целата недела со различни активности надвор од училиштето е контрапродуктивно и долгорочно не е корисно за детето, бидејќи не остава слободно време во кое децата се запознаваат себеси, учат за светот што ги опкружува, откриваат што сакаат, а што не, како и да ги изразуваат своите емоции и креативност. Покрај многуте активности и обемниот школски материјал, децата се соочуваат и со високите очекувања на семејството и околината, кои ја нагласуваат важноста да се биде прв и најдобар, што за нив претставува дополнително оптоварување. Секако дека е потребно да се работи со детето, да се насочува и да се поттикнува на успех, но важно е да постои баланс во тоа.
Критика на однесувањето, а не на личноста на детето
Во литературата постои еден модел кој ги нагласува трите основни димензии на воспитувањето: барања, пофалби и награди и критики и казни. Тој модел на воспитување се прикажува како круг со три краци (како знакот на „мерцедес“) при што секој крак прикажува една од наведените димензии. Должината на кракот се однесува на количината на она што го претставува истиот. Кога се замислува идеалното воспитување, тие три димензии се во баланс и краците се со еднаква должина.
Родителите што имаат премногу барања и критики и казни, а премалку пофалби и награди според тој модел покажуваат претерано социјализирачки воспитен стил. Кога на детето му се покажува љубов само кога ќе ги исполни преголемите очекувања на родителите, пофалбите се даваат само за постигнати резултати, а критиките се насочени кон личноста на детето наместо кон однесувањето – тогаш детето учи дека мора со своите резултати да ја заслужи љубовта и дека вреди единствено ако ги постигне целите што другите ги очекуваат од него. На тој начин детето може да развие лоша слика за себе, ниска самопочит, незадоволство.
Кога детето премногу често е исфрустрирано, има чувство на вина и мисли дека не може да постигне ништо. Понекогаш тоа ги прифаќа тие родителски очекувања и почнува самото да си поставува исти или уште поголеми барања. Тогаш децата често стануваат перфекционисти, имаат желба во сѐ да се најдобри, а во случај на пораз можат да развијат и психосоматски пречки, како болки во стомакот, главоболки и слично.
Како да се најде вистинскиот баланс?
* Следете го однесувањето на вашето дете.
* Следете го расположението на вашето дете.
* Бидете подготвени да слушате и да реагирате на потребите на вашето дете.
* Прашајте го детето.
Важно е како родител да ги чуете и да ги препознаете знаците со кои детето ви кажува дека е преоптоварено. Прашајте го како му е на секоја поединечна активност, како се чувствува пред и по неа, што мисли за неа.
Добро е детето да се научи само да си го поставува прашањето: „Што сакам јас и што ми е важно?“ Со тоа детето развива чувство на сопствен идентитет, учи за себе и има чувство дека смее да го изрази своето мислење и дека луѓето околу него го гледаат, слушаат и го разбираат. Понекогаш детето не ќе може само да каже дека има премногу активности, особено ако добро му одат и се чувствува пријатно кога ги практикува. Но, наслушнувајте и препознајте ги знаците на замореност, како недостиг на енергија, послаб апетит, раздразливост, проблеми со спиењето и слично. Понекогаш е добро да се водите од начелото „помалку значи повеќе“.
Со пораките како: „Горд/а сум на тебе колку си се трудел/а. Ти верувам. Ми се допаѓа кога… Ти го можеш тоа. Ме интересира како се чувствуваш“, родителите им помагаат на децата да се чувствуваат сигурно и сакано.
За да му се помогне на детето да ги избегне притисокот и перфекционизмот, важно е да се пофали трудот, а не резултатот, да му се покаже љубов и во ситуации кога нема да оствари некое постигнување, да се користат можностите за одмор и опуштање, да не се споредува детето со други деца и нивните успеси.
Имајте на ум дека родителите имаат силно влијание врз сликата на детето за себе и за светот околу себе. Важно е родителите да го забележат детето, да го пофалат и да нагласат реално во што е навистина добро. Исто така, кога ќе погреши, родителите се тука да му помогнат да сфати дека грешките се можност за учење, во тие ситуации да го пофалат за вложениот труд и да му дадат идеја што може да поправи за идниот пат да биде подобро. Токму како што и самите треба да си ги признаат сопствените грешки бидејќи со тоа на детето му даваат пример дека на секого може да му се случат грешки.
Автор: Ана Орлиќ, магистер по психологија