Воспитување

Дали е во ред детето неколку дена да изостанува од школо заради семејно патување?

Прашање од една мајка-патник:

„Моето семејство планира патување до „Дизниленд“, но датумите што ги имаме на ум се во средината на училишната недела. Попристапно е за нас во однос на цените да патуваме во текот на учебната година отколку за време на распустите, но не знам дали вреди да го земам моето дете од училиште за да одиме на семеен одмор. Треба ли да дозволам моето осумгодишно дете да изостанува од настава?“

Драга мајко-патник,

Сигурна сум дека никогаш не изгубив ден од училиште во замена за нешто забавно додека растев. Моето семејство не патуваше многу, па можеби не сум ни имала којзнае колку можности, но одењето на училиште секој ден беше правило. Еднаш во средно училиште моја пријателка ме покани на скијање со нејзината младинска група во четврток, а моите родители инсистираа да разговарам со директорот и да добијам специјална дозвола. Немаше шанси моите родители да пријават дека сум болна за да изостанувам од часови.

Сето ова го зборувам за да објаснам дека имам подлога за следење правила и речиси ригидни рутини. Тоа ме следеше и во возрасниот живот, па ги пренесов тие правила и рутини и на моите деца, понекогаш прашувајќи се дали нашето семејство треба малку да се опушти. Но, знаеш што? Велам дека вреди да се испуштат часови на училиште за да се прави нешто забавно и да се креираат заеднички спомени со семејството. Како што стареам и како што поминува времето, ја сфаќам вредноста на создавањето спомени. Што се неколку дена на училиште во споредба со семејно поврзување, додека децата сè уште сакаат да патуваат со вас?

Кога да дозволите децата да пропуштат настава

Во раните денови на основното образование наставниците не се толку строги, па неколку дена отсуство нема да го попречат процесот на учење кај децата. Мојот совет е да се искористи тој период за поминување повеќе  време со семејството.

Кога да се избегне патување

Опуштањето и пропуштањето неколку училишни дена го препорачувам до петтото одделение. Кога материјалот и задачите на децата се зголемуваат, тогаш децата учат повеќе во училница отколку дома, па во таков случај подобро е училиштето да е на прво место. Постојат низа различни мислења по ова прашање, а и нема некој апсолутен одговор. Се согласувам дека децата треба да се запознаваат со различни култури и да се здобиваат со некои нови искуства, кои нема да ги доживеат на училиште.

Што да земете предвид пред детето да изостанува од наставата

Иако нема истражување за тоа како семејните одмори влијаат врз оценките, знаеме дека отсуството од училиште генерално може да доведе до тешкотии во учењето. Така, кога децата се повозрасни и оценките се позначајни, можеби треба да размислите прво на потребите на детето како ученик. Ако испушти часови во поголем број од други причини, поважни се семејните одмори во текот на распустите. Исто така, треба да се земе предвид дека она што ќе го испуштат, потоа може да им предизвика стрес.

Како што вашето дете расте и училишните барања од него се поголеми, така ќе биде потешко да се реализираат тие заеднички семејни моменти. Па, мојот краток одговор на прашањето дали да го носите детето во „Дизниленд“ на осумгодишна возраст и тоа да изостанува од часови, ќе речам – едноставно направете го тоа. Тоа е дел од вреднување на една фаза од детството каде што забавата сепак е на прво место.

Среќно патување!

Автор: Емили Едлин

Поврзани написи

To top