Тасџ Роуз се соочила со критики бидејќи го одгледува детето како веган. Некои на „Тик-ток“ ѝ се заканиле со социјална служба, но Роуз одговара: „И што ќе кажете? Дека е здраво и среќно? Тоа е сè што е важно.“ Меѓутоа, нејзиниот одговор не ги задоволил критичарите. „Ако тоа дете некогаш развие здравствени состојби и се најде во проблеми, виновни сте за злоупотреба на дете“, ѝ порачала една личност. Исто така, други додаваат дека само затоа што таа е веганка, не може да го присилува детето да биде веган.
Роуз истакнува дека на детето, кога ќе биде постаро, ќе му даде можност за избор. „Кога ќе биде постаро, само ќе може да одлучи дали ќе биде веган или не“, појаснила таа.
Планираната веганска исхрана може да биде здрава и соодветна за сите фази од животот, вклучувајќи ги и доенечката фаза и детството, според Академијата за исхрана и диететика од САД. Односно, вашето бебе може да биде целосно здраво и ако го храните исклучиво со намирници од растително потекло.
„Но, во тој случај треба да започне исхраната со мајчино млеко кое го нарекувам совршена мешавина на витамини, минерали и макронутритиенти, како протеини, масти и јаглехидрати“, вели Никол Фрагал, водич во Детскиот здравствен систем „Немурс“. За оние што не дојат, една од опциите е формула од соја. Но, важно е да се знае дека родителите не би требало да ја мешаат таа формула, која е обликувана така што го имитира мајчиното млеко, со соино млеко, кое не ги дава оптималните хранливи состојки за раст и развој на детето, предупредува Фрагал.
Млекото на растителна база може да им се дава на децата што имаат најмалку една година, додала таа. Во текот на воведувањето цврста храна, родителите би требало да се фокусираат на извори на протеини, водејќи сметка за тоа детето да консумира разновидни житарици, мешункасти и јаткасти плодови и тофу. Треба да се внимава и на внесот на витаминот Бе12 и Де, калциум, железо, протеини и прехранбени влакна, советуваат од Академијата за исхрана диететика. Можеби ќе бидат потребни и мултивитамини.
Ова е особено важно бидејќи порано биле забележани случаи со неисхранети деца, па дури и деца кои починале откако родителите ги хранеле со вегански намирници несоодветни за нивните потреби, пишува „Денес“.
Автор: А. Павловски