Мајки на форум делат искуства за тоа колку им требало да забременат вториот пат, а гинекологот Петра Подобник-Брлечиќ од Хрватска ги објаснува причините зошто на некои парови им е потешко да зачнат со второ дете иако првата бременост била уредна.

Паровите што подолго време работат на првата бременост, а не успеваат, често почнуваат да се прашуваат дали е сè во ред. Меѓутоа, што кога до првата бременост дошло без проблем и во краток временски период или дури и непланирано, а втората бременост никако да се оствари?

Мајка ја отворила темата на форум и поставила прашање: „Мајка сум на 30-месечно девојче. Работиме на нашиот друг ангел од нејзината прва година, а сега тоа ми се чини малку предолго. Бев на гинеколог, рече дека сè е во ред. Ја следам базалната температура, имам и Lh ленти, но ништо. Вие што сте планирале второ дете, колку долго ви требало да го остварите својот најубав сон?

Валерија, мајка на две деца, го споделила своето искуство и дала совет: „За разлика од првата бременост, која се случи од прв обид, за втората ни беа потребни 2 години. Не се обидувавме премногу, па не се ни грижев што не успевавме. Едноставно се опуштивме и успеавме. Знам дека тоа е едноставно да се каже, а многу работи треба да се поклопат за да дојде до бременост, така што ако и двајцата сте здрави, нема потреба да се убивате со размислувањата зошто не доаѓа до бременост, туку подобро е да се опуштите…“

Полесно е да се забремени вторпат и секој следен

Гинекологот Петра Подобник-Брлечиќ одговара на прашањето дали е потешко да се зачне првото или второто или секое следно дете, и кои се причините.

– Од нашето искуство, општо гледајќи, полесно е да се зачне второто и секое следно дете отколку првото. Веројатно сите знаат барем некој пример на пар кој долго низ годините бил насочен на постапки за ин витро оплодување, за подоцна без никаков труд, дури и непланирано, неочекувано брзо да се оствари следната бременост – вели гинекологот и додава дека постојат низа причини, а кај таквите парови најверојатен е психолошкиот феномен и опуштањето по постигнатата цел која им овозможува без притисок да ги остварат и понатамошните бремености.

Но, гинекологот додава дека постојат индивидуални случаи кога по првата, целосно уредна и лесно остварена бременост, следуваат низа обиди и тешко остварување на следната бременост, а во тие случаи веројатно поголема улога имаат физиолошки причини.

Физиолошки причини

„Во проблемот на зачнување секогаш учествуваат двајцата партнери, па во случај кога првата бременост уредно се одвивала, помала е шансата женскиот чинител да е во прашање за следната. Со оглед на тоа дека квалитетот на семето кај мажите е многу подложен на надворешните услови и често може многу да се промени за кратко време, кај таквите парови намалувањето на квалитетот на спермограмот е можен проблем за следната бременост“, објаснува гинекологот.

Како женски фактори, гинекологот вели дека можеме да ги разгледаме и напреднатите години на мајката (особено кај жени постари од 38 години), потоа некои гинеколошки болести што по породувањето можеле да влијаат врз проодноста на јајцеводите, градбата на матката или функцијата на јајчниците (оштетување на матката, воспаленија, пораст на миом, хормонски нарушувања и слично) или други болести на мајката што можеле да се развијат во меѓувреме (шеќерна болест, болест на тироидна жлезда, хипертензија).

– Олеснувачко е дека претходната бременост е показател дека проблемот кај тој пар обично не е сериозен, ниту нерешлив така што секако им советувам на паровите – ако една година не успеваат да ја постигнат следната бременост, да тргнат во насока на лекување. Најчесто само со мала помош или модификација на животните навики може да се постигне сонот и да се оствари саканата бременост во такви случаи – советува гинекологот Петра Подобник-Брлечиќ.

Автор: Тајана Третњак

Извор

 



912

X