Воспитувачи во Канада вратиле дома тригодишно девојче зашто се појавило во фустанче на прерамки.
Тригодишната Лола Стоунхаус од Канада се појавила во градинка во розово фустанче, долго до колена, зашто тој ден температурата во Винипег достигнала 30 Целзиусови степени.
„Се работи за едноставно фустанче кое има тенки прерамки на рамената, но според мислењето на градинката, тие се премногу тенки“, вели Џејми, таткото на Лола, во емисијата „As it happens“.
„Тоа е сѐ што ни кажаа. Не добивме специфични детали, ниту објаснување, освен дека прерамките на нејзиниот фустан не се 5 сантиметри широки, па затоа нејзината облека се смета за несоодветна“.
Шокирани од тоа што го слушнале, родителите не знаеле како да ѝ соопштат на тригодишната Лола, имајќи предвид дека тоа ѝ било омилено фустанче.
„Таа нема да го разбере тоа. Можеби ќе си помисли дека направила нешто погрешно, иако не е крива за ништо“, истакна нејзиниот татко.