Пренесуваме одговор на прашање од блогот logosuciteljica.hr

Прашање: „Почитувани, ме интересира колку е добро да се вклучуваме во обврските на детето при учењето? Му помагам на своето дете при пишувањето на домашните задачи и учењето, но исто така би сакала и да се осамостојува. Ако не знае некој материјал, му го објаснувам и му помагам, но би сакала да научи самостојно да учи и да се снаоѓа во иднина“.

Одговор: „Разбирливо и оправдано е да му помагате на вашето дете при пишувањето домашни задачи, како и при учењето. Доколку детето не знае како да реши некоја задача или потешко му оди учењето, се разбира дека е добро да му се даде одредена помош за да ги изврши задачите. Исто така, би требало да бидеме свесни дека децата постепено треба да се осамостојуваат и своите задачи и ситуации сами да ги решаваат, се разбира, во такви ситуации вие сте само водич. Па тогаш како да се постигне задачите да бидат направени, а детето самостојно да ги изврши?

Важно е детето да научи како самостојно да ги најде одговорите и како самостојно да се снајде во одредени ситуации, поврзани со училиштето (но и воопшто).
Ако се задржиме само на пишувањето домашни задачи, може прво да го упатите да види што работеле на училиште, поврзано со тој материјал, да се потсети и да се обиде да ги најде одговорите во тетратката или во учебникот. Нека почне од поедноставните задачи кон потешките, за прво да ги сфати основите и да научи да ги применува на потешките задачи. Потребно е да имате трпение бидејќи за да се стигне до одговорите, треба да се вложи одредено време. Задачата може побрзо да биде завршена ако вие му помогнете или ако му ги дадете конкретните одговори, но ако детето самостојно работи, освен што ќе стигне до одговорот, ќе научи и како да го реши проблемот. Вие може да му помогнете така што ќе го водите и ќе го насочувате, конкретно, да му кажете каде може да го побара одговорот, да се обиде да се потсети на претходниот материјал, ако има потреба, да погледне во поимникот и слично. Истото ова важи и при учењето. Знаеме дека на детето му треба помош при учењето, но важно е дека самото мора да запомни, да поврзе, да го реши проблемот и на крај, да одговори на задачата.

Ако го учите материјалот заедно со него, дозволете му самото да поврзува, па дури и погрешно, пофалете му го трудот, но кажете му дека сепак одговорот треба да го бара во друга насока.
Детето треба да научи да ги организира материјалот и времето што го има за учење. Добро е тоа да го совлада во нижите одделенија, за во вишите, кога ќе има многу повеќе материјал за учење, да може добро да процени за да научи. Тука вие може да му помогнете, на почеток да му предлагате денови и време кога ќе учи, додека самото не увиди колку време му треба за да го совлада материјалот. Исто така, може да му помогнете и во организацијата на самиот материјал, да му предложите да направи кратки забелешки, потсетници или ментални мапи, но никако не смеете вие да му ги запишувате. Повторуваме, смеете да го водите, но тоа треба самото да ги совлада овие вештини и искуства. Со мали чекори и со трпение, ќе стигнете до тоа самото да знае како да реши одредена ситуација и како да го научи материјалот без стресови.



912

X