Здравје

Дали детето има ковид-19 или само настинка?

Симптомите како измореност, треска и течење на носот секогаш се непријатни. Но, во овој период, кога пандемијата на коронавирусот сè уште е присутна, овие симптоми може да предизвикаат поголема грижа. Се прашувате дали вашето дете има настинка или ковид-19 и како да ја препознаете разликата?

Дали моето дете има вообичаена настинка?

Децата добиваат настинки кога вирус (како риновирус) влегува во телото преку устата, носот или очите. Симптомите се појавуваат за неколку дена, а вирусот се реплицира додека имунолошкиот систем или лекови не го победат. Симптоми на настинка кај децата се: затнат нос, течење на носот, кашлица, црвено грло, кивање, не многу висока температура, болки во мускулите, минорна главоболка.

Дали моето дете има ковид-19?

Ковид-19 е респираторна болест која се проширува кога инфицирана индивидуа зборува, кашла, кива или диши. Симптомите вообичаено се појавуваат во период од 2 до 14 дена по изложување на вирусот и вклучуваат: треска, кашлица, тешкотии при дишењето, болки во мускулите, течење на носот или затнатост, болка во грлото, главоболка, измореност, губење на чувството за вкус и мирис, гастроинтестинални проблеми (мачнина, повраќање, дијареја).

Многу од овие симптоми се поклопуваат со тие на грипот. Ова особено важи за децата, кои е поверојатно да имаат лесна клиничка слика или да се асимптоматски случај на ковид-19. Важно е да се земе предвид дека коронавирусот се манифестира различно кај сите. Некои деца немаат симптоми, некои имаат блага состојба која личи на настинка, а некои страдаат од сериозни компликации кои резултираат со хоспитализација или смрт (иако се работи за ретки случаи).

Како да се прави разлика?

– Може да биде тешко да се разликува ковид-19 од обична настинка кај децата. Ако мислите деца вашето дете има симптоми кои може да се поврзат со ковид-19, треба да биде прегледано од педијатар и можно е да треба да се изврши тестирање – вели Закари Хој, специјалист за заразни болести кај деца од Нешвил.

Центарот за контрола на заразни болести и превенција во САД тврди дека најдобриот начин да се прави разлика е да се изврши тест. ПЦР-тестот е доста сензитивен и се користи за идентификување на присуство на ковид-19 кај одредено лице. Брисот од нос се анализира и резултатите се прилично прецизни. Тестирањето мора да се изврши со специјализирана опрема и да се анализира во лабораторија.

Може, исто така, да се направи и антигенски тест кој е помалку сензитивен од ПЦР-тетстот, па може да не даде позитивен резултат ако лицето има ниско ниво на присуство на вирусот.

Мајкл Мина, професор по епидемиологија на Школата за јавно здравје при Универзитетот „Харвард“, вели дека антигенските тестови може да бидат корисни за луѓето да се осигурат дека не треба да се изолираат во одредени случаи. Исто така, не треба да се исклучи фактот дека детето може да има и настинка и ковид-19 истовремено.

– Можно е да имате две инфекции. Сме виделе многу случаи на присуство на риновирус, ентеровирус и слично кај деца кои се позитивни на ковид-19. Некогаш е тешко да се каже кои симптоми од кој вирус се, па затоа тестирањето е важно – вели д-р Хој.

Дали моето дете треба да оди на училиште ако има симптоми?

Многу училишта и работни места бараат луѓето да останат дома ако имаат симптоми на ковид-19. Во некои училишта се спроведуваат брзи тестови. Најдобро е да се информирате во самото училиште кои се стандардите и да се консултирате со здравствено лице. Најдобрата опција е да се направи тестирање. Исто така, следете ги симптомите на детето.

– Ако симптомите се посериозни, потребно ќе биде да се направи и рендген-снимка на белите дробови – заклучува д-р Хој.

Автор: Алекс Хазлет

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top