Многу родители одморот со бебе не го нарекуваат одмор, туку летување или патување. Причините се многубројни бидејќи бебињата навистина можат да ги искомплицираат работите.

Кога го организирате првиот или секој нареден одмор со бебе, јасно е дека ќе се соочите со голем број предизвици. Не е секогаш лесно да се одлучите за дестинација – дали треба да одморите некаде во земјата или во регионот или да купите авионски билети за некоја егзотична дестинација?

Поради голема загриженост и страв, повеќето родители избираат поблиски туристички места. Но, има и такви што веруваат дека е полесно да се патува на далечни дестинации со бебе кое сè уште спие 14-16 часа дневно отколку со мало дете.

Во која група и да спаѓате, факт е дека летувањето со мало бебе ќе ви помине многу полесно доколку навреме се подготвите и донесете клучни одлуки.

Здраво бебе, безбедно патување – Разговарајте со педијатарот пред да тргнете

Еден од првите чекори што треба да ги преземете кога планирате патување со бебе е да разговарате со педијатарот. Без разлика дали се работи за патување на море кое вклучува неколку часа возење или лет до Малдиви, Тајланд или Сејшели, консултацијата со лекар е важна. Некои педијатри не препорачуваат патување во првите три месеци од животот на бебето бидејќи тогаш е почувствително и посклоно на инфекции.

Лекарот може да одобри одмор доколку детето е здраво и вакцинирано според планот за вакцинација за неговата возраст. Воедно ќе препорача кои лекови да ги понесете со себе за превентивни цели. Кога станува збор за имунизација, педијатарот ќе утврди дали се потребни дополнителни вакцини. Во зависност од тоа каде патувате, може да биде потребно (а во некои земји дури и неопходно) и вие и детето да примите вакцини против заразни болести кои не се дел од календарот на задолжителни вакцини за децата.

Предноста на патувањето до поблиски дестинации со бебе е во тоа што можете да се вратите дома во секое време ако му се слоши, ако реагира на промена на климата со покачена температура или кашла и кива. Исто така, многу е поедноставно да барате клиника во земјава и да го однесете детето на лекар со кој лесно се разбирате. Секако, и да има некој проблем, има стручњаци во странство кои ќе ве смират и ќе се грижат за вашето бебе доколку се појават некакви здравствени проблеми.

Навреме обезбедете пасош за бебето

Кога размислуваат за можните дестинации за одмор со бебе, родителите обично ги имаат предвид сите придружни административни обврски при патување во странство. За меѓународни патувања, на бебињата, како и на возрасните, им е потребен пасош.

Доколку сте самохран родител или сакате да патувате сами со бебе, без партнер, потребно е да приложите документација што докажува дека сте законски старател, како и писмо за согласност од другиот родител во кое се наведува дека прифаќа детето да патува со вас во странство. Пожелно е ова писмо да биде заверено на нотар. За оние родители што имаат единствено старателство над своето дете, можеби е мудро да спакуваат копија од договорот за старателство заедно со пасошот. Од административните обврски не треба да се заборави и патничкото осигурување, затоа проверете во туристичката агенција што препорачуваат за земјата во која патувате.

Како да се избере вистинската дестинација?

Одморот во истата земја во која живеете или блиските земји е полесен за планирање со мали деца. Сепак, дури и патувањето до далечни дестинации е полесно отколку што изгледа на почетокот. Многу земји како Тајланд, Индонезија и Костарика се многу погодни за деца. За дестинации како Сејшелите, достапните пакети изгледаат примамливо и ветуваат незаборавно искуство за родителите и бебињата, поради ситниот песок, бистрите води и прекрасните пејзажи. Ако одлучите да летате со авион, сигурно ќе ве дочека удобноста на хотелот, неверојатно убавите плажи и климата.

Значи, прашањето е што сакате и што можете да си дозволите. Во согласност со буџетот и афинитетите, одлучете дали ќе одите на далечна дестинација, која е поскапа и за која организацијата на патувањето секако ќе ви одземе подолго време, или до некое поблиско место. Исто така, еден од факторите за кои вреди да се размисли е дали сакате да ги „чувате“ егзотичните земји за подоцна, кога детето ќе биде малку постаро за да може да се сеќава на тој одмор.

Далечните земји се убави, но погрижете се бебето да биде заштитено, како од сонце така и од можни инфекции и болести со соодветни вакцини. Морскиот воздух е здрав, но солта и јодот можат да бидат предизвик за младиот организам. Затоа, важно е да планирате доволно денови за одмор на плажа за да може бебето да се аклиматизира во мир.

Дополнителни совети за патување со бебе

Без разлика на изборот на дестинација, секое патување со бебе вклучува паметно планирање и пакување. Понесете ги најважните работи без кои не можете да замислите ден со бебе. Храната и кашичките што ги сака вашето бебе, како и брендот на пелени што ги користи, можеби нема да ви бидат достапни во странство. Иако има големи шанси да најдете адекватна замена, доколку сметате дека тоа нема да му одговара на вашето бебе, секогаш е подобро да си понесете резерви и да си обезбедите помирен одмор.

Подгответе доволно градници, маици, шорцови, фустани и капи, а еден дел спакувајте во чанта/ранец кој е секогаш при рака. Рачниот багаж во авион или автомобил дефинитивно треба да содржи најмалку две пресоблекувања за бебето, вклучително и чорапи! Секој родител може да замисли барем една ситуација кога на бебето му пропуштила пелена, нели?

Конечно, дајте си доволно време да го испланирате вашето патување, да подготвите и спакувате сè. Како и повеќето работи што ги правиме со децата, одморот бара повеќе труд, време и пари. Ако летате, исто така се препорачува да тргнете порано (по можност три часа однапред за меѓународни летови) и да чекате на аеродромот. На овој начин ќе се спасите од паника и дополнителен стрес доколку се случи, на пример, да треба да му ја смените пелената на бебето или да го нахраните.

Во секој случај, планирањето одмор со мали деца бара многу трпение, без разлика на конечниот избор на дестинација. Можеби егзотичните далечни земји изгледаат како преголем „залак“ за да се лета со осуммесечно бебе? Размислете за сите опции и погрижете се да имате доволно време, пари и трпение да го испланирате и реализирате идеалниот одмор со вашето малечко. Поентата е секогаш да создавате спомени и убави фотографии за семејните албуми.

Извор



912

X