Игротека

Дајте му на детето вистински нож и игла за шиење, а не пластични играчки!

На децата треба да им дадеме функционални предмети бидејќи со нив ќе се служат целиот живот. Детето што е научено да користи играчки, а не вистински предмети, кога првпат ќе дојде во контакт со нож или игла за шиење поголема е веројатноста дека ќе се повреди бидејќи тоа ќе употреби иста сила како што навикнало, а резултатот ќе биде поинаков.

Како детето да биде вистински гордо на себе, полно со самодоверба? Треба да му дозволите да работи со своите раце, самото да креира работи. Има ли нешто поубаво од она кога самите ќе создадете нешто од ништо? Тоа дава моќ и самодоверба.
Кога мало дете ќе види возрасен како работи нешто, тоа учи преку имитирање и веднаш почнува да го прави истото. Затоа, дозволете им на децата да извршуваат разни домашни работи заедно со вас и поттикнувајте ги самите да создаваат нешто.

Ако детето го ограничуваме или му забрануваме некои работи, му праќаме порака дека светот е опасно место

Уметноста на воспитувањето лежи во нашата процена колку детето е способно за некоја работа и постојано треба да му ги подигнуваме границите. Она што нас нè ограничува во тоа се нашите стравови дека детето може да се повреди и нашата потреба постојано да го заштитуваме.
Ако на детето му поставиме престроги граници и го ограничуваме, не му дозволуваме да го истражува светот без стравови и му даваме некои подлабоки пораки. Тоа се пораките дека тоа не може само и дека светот е опасно место. Кога имаме доверба во своето дете и му дозволуваме да прави разни работи, тогаш тоа расте со самодоверба.

На децата треба да им се даваат функционални предмети бидејќи ќе се служи со нив во животот. Деца на претшколска возраст можат да сечат со вистински нож, можат да шијат со вистинска игла, можат да имаат вистински лопатчиња, а не пластични… Тие го можат тоа.

Учење на правилна употреба на предметите и доверба сами да ги извршуваат задачите

Кога на детето ќе му се даде пластичен нож поради страв дека ќе се повреди, тоа ќе се мачи да исече нешто, па ако не успее, ќе се јави фрустрација. Детето што навикнало на играчки, а не на вистински предмети, кога еднаш ќе земе в рака вистински нож, поголема е можноста за повреда бидејќи ќе ја употреби истата сила како при манипулирањето со пластичниот нож, но резултатот ќе биде поинаков. Затоа, додека се помали, им треба повеќе контролирана средина за да научат правилно да ги употребуваат предметите, а подоцна со цела доверба да им дозволиме самите да ги извршуваат задачите, без страв од повреди.

Кога ќе им обезбедиме време за творење, поттикнувачка средина каде што ќе можат да земат сè што им треба, кога ќе вложиме труд и време за да ги научиме на некаква вештина и ќе им дадеме слобода за дејствување – настануваат чуда!

Деца што од најмала возраст ја почувствувале убавината на создавањето со сопствените раце, дека можат да го менуваат својот мал свет и светот да има доверба во нив дека го можат тоа – тоа е темел за на возрасна доба да знаеме дека се способни да го менуваат светот!

 

Поврзани написи

To top