Луѓе пред кои симнувате капа се Радмила Живановиќ и нејзиниот сопруг. Радмила е психолог и психотерапевт. Без размислување прифати да зборува за посвојувањето, за својата посвоена ќерка, за тоа како изгледа вакво семејство, како и кога да се разговара со детето на оваа тема и за сето она што во нашата средина за многумина е голем страв. Се договоривме: Време е за уривање на стравовите и предрасудите
– Јас сум стандарден родител со малку поинакви доживувања за родителството. Имено, јас сум мајка на посвоено дете и тоа нè прави мене и моето семејство да стоиме и да гледаме еден во друг со едни поинакви сфаќања, очекувања, разбирања, сочувствувања, поинaков концепт на родителство и семејство во кое нема биолошки императиви и во кое ние работиме партнерски да го развиваме и јакнеме заедништвото што ни е дадено – вели Радмила.
Со сопругот се одлучиле за посвојување по долгогодишна битка со можностите за биолошко родителство.
– Решивме дека доста време поминавме со очајот и маките на репродуктивната голгота. Си го сакавме животот, и здравјето, и расположението, и сакавме да го развиваме онаму каде што е возможно, каде што има огромна потреба за поддршка и постои желба да се развива со нас – во посвојувањето.
Колку е лесно или тешко да се донесе таква одлука?
– Кога ние увидовме што не сакаме повеќе, одлуката дојде многу лесно, токму во моментот кога се видовме тотално ослободени од целата таа биолошка парадигма на родителството и бевме спремни да се впуштиме во една поинаква авантура. Па нели животот е авантура, за сите семејства вклучително. Сфативме дека биолошкото прашање е параванот зад кој би се скриле со нашиот страв да се развиеме во уште попрекрасни битија, и како криењето, или негледањето во другите опции, за нас исто беше избор да не гледаме во сето она што ни го дава светот. Никој не знае како е да си родител, не се раѓаме со тоа. Така имавме иста стартна позиција со сите нови родители.
Голема благодарност за биолошката мајка зашто дала непроценлив придонес кон постоењето на мојата ќерка
Што беше најзначајно во тој процес на одлучување?
– Најзначаен беше договорот и усогласувањето меѓу нас двајца, дали ние двајцата го сакаме тоа, дали има задршка кај некој од нас, кои се тие стравови што нè обземаат, дали се стравови со кои можеме да се носиме. И, се разбира, првиот отпор не бевме ние, туку нашето пројавување во социјалната средина. Искрено, и ден-денес ние сè уште веруваме во средина која знае да ги препознае потенцијалите, која е доволно отворена да прифати. Прашањето беше дали ние прифаќаме и како ние се гледаме како родители на посвоено дете; што ако имаме дете од друга религија; што ако имаме дете од социјално девалвирана заедница; што ако имаме дете со одредена здравствена тешкотија; колку треба да чекаме; која возраст ни е прифатлива и сл. Значи сите овие прашања се валидни и ние ги поминавме свесно, без целата таа романтика на станувањето родител, и видовме што за нас во овој момент е прифатливо, а што не е, без потреба да се казнуваме за она што реално би имале поголем проблем да бидеме родители.
Од друга страна, нашите пошироки семејства беа навремено информирани за нашата одлука и знаеја дека тоа за нас, иако не се случило, е веќе можна реалност, во која и тие гледаат. Нашата ќерка е силно интегрирана во нашите семејства. Јас често знам да кажам, уште од почетокот: „Да те родев, немаше вака убава да те родам“ – со целата благодарност за биолошката мајка која дала непроценлив придонес кон нејзиното постоење.
Колку беше старо девојчето кога го посвоивте?
– Ја добивме кога имаше 3,5 месеци, многу мала. Беше едно бело-портокалово топче нежност, мајмунче (се смее), кое веднаш штом нè виде, така благо распаметени, се вкопча за татко ѝ и не го пушти. Уште тогаш знаевме дека тоа е тоа. Тоа е нашето мило, посебно семејство.
Какво дете е сега?
– Таа уште од самиот почеток пројави необична љубопитност за работите што се случуваат околу неа, што и ден-денес го прави. Хм, како една мајка да го опише своето дете? (длабока пауза). Јас и мојот сопруг негуваме длабок поклон и почит кон нејзиниот дар на ова семејство, нешто што често и го носиме и сме и доживотно благодарни. Секогаш кога мислам на неа и нејзината светлост која ги осветли и најтемните ходници на нашата тага, не можам, а да не заплачам од радост. Таа е длабоко сензитивна, има развиено почит кон нештата околу себе, се интересира за животот и смртта, за живите нешта, за другарството, за релациите. Сакаше да биде мајка кога ќе порасне, денес веќе не знам затоа што ѝ се менуваат приоритетите. Физички е активна, сака да си музицира, си игра со зборови, сака да доминира, но и се повлекува кога не е во право. Тоа е дете кое ќе заплаче на некоја тажна сцена од цртан филм и на разговор за нејзината посебност и неповторливост.
Дали знае дека е посвоена?
– Таа ја знае својата вистина, онаа што ние ѝ ја носиме, на начин на кој може тоа да го свари и разбере. Често си зборуваме за „мајката што ја родила“ и за тоа дека еден ден јас и татко ѝ со неа, доколку сака, ќе ја пронајдеме за да ја запознае, тогаш кога ќе биде зрела да ги носи одлуките. Тоа е девојче кое ја препознава својата тага и ја изразува, и на кое му требаат поосетливи родители за да му го препознаат повлекувањето, да ја разговараат емоцијата, да почувствуваат како дише и која желба ја има.
Таа е радосна, обожава мачки, кучиња, природа, јаже за скокање, душек за рипање и принцези со убави фустани и долги коси, лак за нокти, кармин за уста, добра фризура…
Како се разговара со дете за посвојувањето?
– Нашата ќерка ја знае својата вистина, ние не се преправаме дека сме нешто што не сме, туку градиме од она нешто што можеме да бидеме за неа, пред сè, една огромна животна поддршка и прифаќање. Таа вистина се раскажува на мал милион начини, соодветно на возраста. Почнавме со приказните за штркот, од нејзина 4-та година, и денес приказната се менува. Таа знае да дојде со прашање од каде е дојдена во ова семејство и после да ги сретнеме нашите приказни и објаснувања во разговорите со учителките.
Нејзините учителки исто така знаат дека е посвоена, и дури ги охрабруваме да зборуваат за различни типови семејства, а доколку се појави тага при зборувањето, да ѝ ја дозволат и да ја уважат, без страв дека „нешто ќе му биде на детето“.
На некои приказни таа знае да се растажи, да се расплаче. Тука е наша улогата да ѝ кажеме и да ѝ покажеме дека сме присутни за неа и дека ја разбираме, но и дека секогаш ќе бидеме тука за кое било нејзино двоумење, задршка и забрана. Сметаме дека емоциите ѝ се легитимни, и наше е да ѝ овозможиме конструктивно да ги изрази, наместо да ги таи од нас и да ги тиска во себе.
Така често пати ѝ велам на ќерка ми дека е многу богата личност, има дури две семејства, едно што ја создало, а друго што ја расте. Значи сигурно е дека е многу важна личност!
Често пати ѝ носиме приказни за тоа каков е нејзиниот удел во ова наше мало семејство, колку е посебна и неповторлива. А доколку праша „како јас сум сè тоа, а сепак некој ме оставил“, ние објаснуваме како секој не е подготвен да биде родител и да му ги овозможи сите услови на своето дете. Да си родител, понекогаш значи да гледаш во своите ограничувања, и давајќи го детето како дар на други родители, на кои им веруваш, всушност значи дека се грижиш за него. Така често пати ѝ велам на ќерка ми дека е многу богата личност, има дури две семејства, едно што ја создало, а друго што ја расте. Значи сигурно е дека е некоја многу важна личност!
Како ја воспитувате?
– Мислам дека сум родител кој има пошироки сфаќања за животот и за релациите, и јас и мојот сопруг. Јас сум мајка која ја работи работата што ја сака и сакам да ѝ го пренесам тоа како модел на мојата ќерка.
Постои еден посебен однос мајка-ќерка на кој обрнувам внимание. Преку него ја истакнувам нејзината убавина, ѝ дозволувам да избира, дури и кога не се согласувам со нејзиниот избор, ѝ се извинувам ако згрешам, но исто така ѝ ставам и ограничувања, ѝ кажувам што е прифатливо, што не. Не ја држам до себе, ја оставам да постои сама во други контексти, да гради свои посебни релации, за чија содржина јас не мора да сум информирана.
Постои едно воодушевување што двете си го делиме кога ќе си ги забележиме радоста и љубовта. Си зборуваме убави работи, многу се гушкаме, но не се задушуваме. А кога се караме, сакаме да сме и побучни, да се разулавееме, за да најдеме начин да си ја уважиме лутината, но и да се смириме заедно во таа лутина. Со неа доста разговараме за (не)квалитетите на личноста (лоша сум!) наспроти однесувањето (лошо се однесувам), и гледаме како да излеземе и двете од замката на неоснована квалификација, која доколку долго си ја кажуваме, станува мало гласче на незадоволството со кое ни јас ни таа не сакаме да растеме.
Јас сум родител кој ѝ дозволува на ќерка си да си има посебен однос со татко ѝ, нивно посебно време, во кое не секогаш сакам да се мешам. Присуството на таткото е од исклучително значење во прифаќањето на детето, и тоа тој го прави неприкосновено и на свој начин. Често се договараме во однос на нејзиното воспитување, така сме многу поиздржани во стратегиите и во одлуките.
Сакаме да имаме и доста заедничко време и се трудиме да сме присутни кога сме заедно. Честопати таа ги креира ритуалите на заедништво, а ние ги следиме и надградуваме. УРА за нас!
Таа е мојата водилка во животот. Кога јас ќе ја ставам нејзината капа, тогаш сфаќам колку луѓето се скроени за љубов и големи дела. Тоа го носам во себе и тоа им го носам на сите оние со кои работам. Така ние стануваме дел од целото.
Дали сте во контакт со други родители што посвоиле дете?
– Да. И често се дружиме заедно со нашите деца. Ние сме си огромна поддршка во растењето на вака убави, посебни и неповторливи деца.
912