Престојот во природа носи огромни придобивки и правилен развој на нашите деца.
Здравјето на нашето дете е секогаш на прво место, а ние не сме свесни на колку едноставен начин можеме на нашите деца да им обезбедиме добар и квалитетен развој. Една од најважните работи за вашето дете е да му овозможите да помине повеќе време надвор, да си игра на отворено.
Постојат голем број работи во кои денешните генерации се разликуваат од претходните, но најголемата разлика што ја забележуваме е токму времето што денешните деца го поминуваат на отворено. Постојат многу причини поради кои денешните деца поминуваат повеќе време дома отколку надвор, а една од нив е поголемата употреба на електронски уреди, пренатрупан распоред на активности, обврски, грижата поради изложеноста на сонце. И возрасните премногу време поминуваат во затворени простори и сè помалку време минуваат надвор.
Издвојуваме шест основни причини зошто детето треба да помине повеќе време надвор.
1. Сончевата светлина. Да, изложеноста на сонце, како што сите знаеме, може да предизвика рак на кожата. Сепак, на нашето тело навистина му е потребно сонцето. Изложеност на сончева светлина доведува до формирање на витаминот Д, кој е од витално значење за многу процеси во организмот, од развојот на коските па до развојот на имунолошкиот систем. Нашето тело многу подобро функционира кога е секојдневно во доволна количина изложено на сончевата светлина.
2. Тренинг. Нашите деца би требало да бидат активни најмалку еден час дневно, а излегувањето надвор сигурно уште повеќе ќе ги активира. Секако дека можат да вежбаат и дома, но престојот на воздух, особено со топка или велосипед, уште повеќе ја поттикнува активната игра, што е навистина најдобриот тренинг за детето.
3. Водечки функции. Постојат одредени вештини што ни помагаат да планираме, да правиме приоритет, да преговараме, да правиме повеќе работи во исто време, а се од суштинско значење за успех. Во овој список можеме да ја вклучиме и креативноста, како и употребата на имагинацијата во решавањето на проблемите, но и во забавата. Тоа се способности што се учат и вежбаат, а за да ги научат, потребно им е слободно време. Треба да поминуваат време сами, но и со другите деца, и да им биде дозволено сами да ги смислуваат своите игри, да откриваат, да ги разбираат работите околу себе, самите да се забавуваат. Времето поминато на отворено им дава можност да ги вежбаат овие важни животни вештини.
4. Да се ризикува. Потребно е и некогаш да се ризикува. Како родители, се разбира, ова нè плаши бидејќи сите ние сакаме нашето дете да биде безбедно. Меѓутоа, ако премногу ги заштитуваме и не им дозволуваме малку да ризикуваат, нема да дознаат за што се способни, а со тоа нема да стекнат самодоверба и храброст за да се соочат со различните предизвици во животот. Да, навистина може да си ја повреди раката доколку падне од дрвото, и да, и ние можеме да бидеме понижени доколку некој не одбие. Па, затоа, не значи дека не треба да се обидуваме, лекциите што ги учиме од поразот се исто толку важни како и лекциите што ги учиме од успехот.
5. Социјализација. Децата мора да научат да работат во група. Треба да запознаваат други деца и да создаваат пријателства, да учат да делат и да бидат соработливи, да знаат да ги почитуваат другите. Доколку доаѓаат во контакт со други деца само преку организирани околности, како што е училиштето, тие нема да можат да научат сè што е потребно.
6. Почитување на природата. Нашиот свет постојано се менува, и тоа не на подобро. Доколку вашето дете расте без да шета низ шумата, без копање влажна земја, без да се искачи на планина или да го набљудува морето, можеби никогаш нема да може да разбере што сè може да биде изгубено. Иднината на нашата планета зависи од нив, па затоа треба да научат да ја почитуваат.
Затоа, обидете се. Правете го она што го правеле и нашите родители – пуштете го детето надвор. Уште подобро – одете и вие со него. Не само што ќе поминете време заедно, туку тоа време ќе биде квалитетно искористено и ќе донесе огромни придобивки за развојот на вашето дете.