Реакцијата на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет во Скопје за предлогот за целосна инклузија на децата со попреченост во редовната настава, дел од предлог-законот за основно образование, ја објавуваме во целост

Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет во Скопје, како единствена високообразовна институција за подготвување специјални едукатори и рехабилитатори на сите три циклуси, ги анализира нацрт-законот за основно образование и изнесените ставови на министерот за образование и наука по одржаната заедничка средба и во согласност со тоа сака да ја информира јавноста дека:

1. Институтот за специјална едукација и рехабилитација, врз основа на своето богато научно искуство и научна истражувачка работа, и водејќи се од фактот дека во повеќето западноевропски земји што располагаат со оптимални финансиско-материјални, технолошки и професионални ресурси не се спроведува тотална инклузија, смета дека во Република Северна Македонија најдобро е и понатаму да се практикува комбиниран модел на инклузивно образование. Во насока на подобар квалитет на образованието потребно е да се подобрат постојните капацитети од секој аспект (ресурсен, финансиски, кадровски и стручен).

Фото: КолектиФ Прес

2. Да се почитува правото на родителите на избор за упис на своето дете во редовни училишта, во посебни паралелки при редовните училишта или во посебни основни училишта (како што е и во земјите на Европската Унија);

3. Институтот за специјална едукација и рехабилитација апелира до Владата и до надлежните министерства, во иднина кога станува збор за образованието, рехабилитацијата, социјалната заштита, третманот и процената на функционалните можности и способности на лицата со попреченост секогаш да го консултира и вклучува Институтот за специјална едукација и рехабилитација. Би сакале да истакнеме и дека специјалните едукатори и рехабилитатори ги едуцираме по современи програми кои години наназад беа највисоко оценети од надлежните европски фактори, како и од меѓународните научни и стручни институции.

Воедно, го повикуваме и претседателот на Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори, г. Горан Петрушев, да се произнесе во врска со ставот на министерот за тотална инклузија, согласно нацрт-законот за основното образование.

Институтот за специјална едукација и рехабилитација



912

X