Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, ја потврдува одлуката и вели дека таа е донесена токму поради децата што живеат во Карпош, а за кои нема места во градинките на истата општина

Од 10 јуни годинава од градинките во Општина Карпош ќе треба да се отпишат сите деца што не живеат на територијата на оваа општина. Оваа одлука е донесена на седница на Советот на Општината, одржана на 20 април, но пред неколку дена била доставена до градинките.

Според неа, во градинките во Општина Карпош ќе можат да се запишуваат само деца кои живеат во општината. Градоначалникот на Карпош ја имал најавено оваа одлука уште во декември минатата година, а е наменета за родителите што живеат во Општина Карпош и не можат да ги згрижат децата во градинка.

Надлежните од градинките во Општината не сакаат јавно да ја коментираат состојбата и велат дека ќе постапуваат според правилата.
Сепак, посочуваат дека многу од родителите им се обратиле за новонастанатата состојба и бараат решение.

Загрижените родители, пак, најавуваат дека ќе испратат апел до Владата и до ресорното министерство да најдат решение за овој проблем.

Велат дека не би ги носеле своите деца и по неколку километри оддалеченост од домовите, во градинките на Општината Карпош, доколку не биле принудени на тоа поради недоволниот број слободни места во општините каде што живеат.

Стевчо Јакимовски ја потврдува одлуката и вели дека таа е донесена токму поради децата што живеат во Карпош, а за кои нема места во градинките на истата општина.

– Точна е информацијата за одлуката на Советот на Општината. Еден месец однапред им се соопштува на родителите што не се жители на Општината, дека од 10 јуни нема да можат повеќе да ги посетуваат градинките во Општина Карпош. Во моментот нема место за 306 деца од Карпош, а 200 деца од други општини се сместени во истите тие градинки -посочува тој.

Вели дека дополнителен проблем е тоа што недостига персонал во градинките, проблем што не можат да го решат, зашто немаат согласност за вработување од надлежните министерства.

– Вработените со крајни напори успеваат само да ги згрижат децата, но, за жал, отсуствува воспитната и образовната компонента. Сето ова оди на штета на децата од Општина Карпош, а јас како одговорен субјект, кој е избран од овие граѓани, морам да најдам решение – заклучува градоначалникот Јакимовски.



912

X