Воспитување

Да се има сестра значи да се биде посреќен и полн со оптимизам

Да се има сестра значи да се биде посреќен и поголем оптимист, покажува нова студија, но истото не важи и кога се има брат. Да се расте со барем едно девојче во семејството, исто така, значи луѓето да бидат поспособни да се справат со своите проблеми, според студијата.

Ќерките ги зближуваат саканите и ги охрабруваат да комуницираат повеќе за своите емоции, веруваат истражувачите. Професорот Тони Касиди од Универзитетот во Улстер, кој ја предводел студијата со истражувачи од Универзитетот „Де Монфорт“ во Лечестер, рекол дека сестрата помага за доброто ментално здравје.

Тој изјавил: „Сестрите се насочени кон охрабрување за отворена комуникација и кохезија во семејствата. Сепак, браќата изгледа дека имаат алтернативен ефект. Емоционалното изразување е фундаментално за доброто психолошко здравје, а сестрите го промовираат токму тоа во семејствата“. Девојчињата што имаат сестри, исто така, се понезависни и порешителни кога се работи за достигнувањата, покажува истражувањето.

Ефектите биле посилни помеѓу децата од растурени семејства, со што се посочува дека сестрите може да се потпрат една на друга за да си дадат поддршка, во случај родителите да им се разведат. Професорот Касиди додал дека најниски резултати се забележани помеѓу момчиња што имаат само браќа. „Може да се каже дека момчињата имаат природна тенденција да не зборуваат. Кога се повеќе момчиња заедно, тогаш се случува заговор на тишина – не се зборува. Девојчињата, пак, се обидуваат да го срушат тоа“.

Во студијата биле испитани 571 возрасно лице на возраст од 17 до 25 години, за структурата и емоционалната состојба во нивното семејство. Децата единци бележеле средни резултати во областа на среќата и оптимизмот.

Лиз Врајт, коавторот на студијата, истакнала: „Со децата единци откривме дека тие имаат многу силна комуникација надвор од дома. Изгледа дека тие имаат социјална поддршка онолку колку што ја имаат другите со своите браќа и сестри, но таа не доаѓа од семејството“.

Откритијата од студијата биле презентирани и пред Британското психолошко друштво на годишната средба во Брајтон.

Автор: Кејт Девлин

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top