Кога се зборува за недоразбирања на релација семејство-училиште, ретко се прашуваме какви се нивните улоги во растењето на децата денес.
Во ера кога секоја информација ни е достапна, не е луксуз да се дојде до сознание за она што нè интересира, на еден клик. Сè повеќе деца уште во градинка почнуваат да ги совладуваат основните поими на јазикот и математиката, како и светот кој нè опкружува, а ритамот, движењето, цртањето се природна потреба на оваа возраст. Децата што поминале низ претшколското образование главно веќе имаат основни знаења за броевите, буквите, некои веќе знаат и да пишуваат и да читаат, така што училиштето не е ниту прво ниту последно место каде што се стекнува знаење.
Улогата на семејството и училиштето
Од друга страна, улогата на семејството, исто така, многу се променила. Родителите сè повеќе се отсутни поради работата, а слободното време им го одземаат содржините кои, исто така, може да се добијат на еден клик. Живееме во дигитална доба и за тоа мораме да бидеме свесни.
Училиштето формално се нарекува воспитно-образовна установа и некаде се подразбира дека неговата примарна функција е образованието, а дека воспитниот дел во голема мера го завршил семејството или претшколската установа, пред детето да тргне на училиште. Тоа би значело дека детето е самостојно, одговорно и дека умее да ги почитува основните правила за престој во една формална средина како што е училиштето, а училиштето на таа основа го надградува образованието.
Колку се послични ставовите и вредносните системи во семејството и во училиштето, толку е поголема шансата детето во сè да се снајде подобро. Ако одговорноста за кој било проблем што се појавува се префрла од едни на други, тогаш детето има неколку можности: да биде збунето, да биде под стрес, да се сокрие зад заштитникот, да стане бунтовник итн.
Првенствената улога на училиштето денес би требало да биде развивањето на критичкото мислење кон сето она што се дознава, па и децата да се научат да не ја земаат здраво за готово секоја информација до која ќе дојдат. Освен договорените и проверени знаења кои училиштето ги дава, ученикот треба да знае што да прави понатаму со нив и зошто се важни, па дури и како да управува со сите тие факти што „мора да ги знае“ за оценка.
Дали сите петки значат дека детето е успешно
Оценката стана најважен аспект на целото образование и откако ќе влезе во училиштето, детето сака да ја освои. Оценката ја изедначуваме со успехот, а успехот со некоја лична вредност, а императив е да се биде успешен. Нема ништо лошо во тоа некој да биде успешен, напротив, само што да се учат децата да бидат успешни не подразбира дека секогаш мора да ги имаат сите петки во дневникот. Да се биде успешен, значи да се биде самостоен и одговорен, да се користат своите силни страни и посветено да се работи на послабите, да се даде својот максимум и да се сака да се направи секогаш повеќе. Децата треба да се учат и на тоа што да направат кога во нешто нема да успеат, што кога нема да го направат она што е нивна задача, што кога нешто не разбираат, што кога нешто не можат.
Ние денес често немаме време ниту да проследиме што сè се случува во текот на еден ден бидејќи сме премногу оптоварени со секојдневието. Овој пристап бара различна семејна организација и јасна поделба на улогите и задолженијата во семејството. Во современите стилови на родителство децата се штитат од опасности кои не ни постојат: на детето му се носи ранецот бидејќи тоа е премногу мало за да го носи, не му се дозволува да учествува во домашните обврски бидејќи не умее да го прави тоа, се пишуваат домашните задачи наместо него, бидејќи тоа не разбира, се жалиме на оценката што ја добило детето бидејќи наставникот дал премногу тежок тест итн. Во суштина, не му помагаме на детето да се развива и да биде задоволно со себе, туку се обидуваме да му ги отстраниме препреките на патот.
Ниту грижливи родители ниту незадоволни деца во денешно време
Како што домашните и контролните задачи треба да имаат улога да развиваат работни навики кај децата и редовно учење, така и задолженијата во домот треба да служат за детето да се осамостои и да стане поодговорно, па и да ја преземе грижата за работите за кои е способно. Ако детето уште како малечко е способно да се грижи за своите играчки, сигурно е способно да се грижи и за тоа дали понело сè што му е потребно за на училиште и дали ја напишало домашната работа. Секако дека е побрзо и полесно сето тоа ние да го направиме наместо нив отколку долго и упорно да бидеме истрајни во намерата сами да научат што е нивна задача, па и да направат грешка, да заборават, да ја прифатат последицата од тоа, да научат нешто од искуствата и да продолжат понатаму.
Родителите, исто така, треба да се ослободат од притисокот дека нешто страшно и лошо може да се случи ако не направат нешто за своето дете. Ако детето има домашна задача, родителот може да ја провери и да види дали ја завршило својата работа, како и да му помогне ако нешто не му е јасно, но не пред детето самото да се обиде, дури и по цена да погреши. Исто така, ако детето добило ниска оценка на тестот, родителот може заедно со детето да го анализира тестот и заедно да откријат каде и зошто се случила грешката. Така детето има шанса следниот тест да го направи подобро врз основа на она што го заклучило од тоа искуство.
Сосема е во ред да не мислиме на ист начин како што тоа го прават наставниците, но лекциите се, сепак, повеќе нивна задача. Би било добро на своите деца да им бидеме родители и да им посветиме квалитетно време поминато заедно, а што се однесува до училиштето, да ги учиме и да размислуваат, поврзуваат, заклучуваат, применуваат и напорно да работат на стекнување знаење во секојдневната работа и без одложување за утре. Кога детето ќе вложи труд и ќе постигне успех, наградете го, научете го самото да се надгради себе, бидејќи успехот не се подразбира, туку е резултат на посветена и редовна работа. Успехот може да биде добивање подобра оценка отколку на минатиот тест, разбирање на нешто што порано не успевало да го разбере, пронаоѓање начин да го заврши тестот за еден час, освојување на која било награда на натпревар за кој долго и посветено се подготвувало и уште многу нешта што не се оценка 5 во дневникот.
Автор: Данијела Андрејиќ-Миќовиќ, училиштен психолог
912